Мароканските власти донесоа одлука „најдолгиот автопат во Африка“ да го именуваат по американскиот претседател Доналд Трамп.

Станува збор за автопат помеѓу градовите Тизнит и Дакла, кој го поврзаува јужниот дел на Мароко со спорната територија Западна Сахара. Од сега овој патен правец ќе се вика „Автопат Доналд Џ. Трамп“.
Автопатот е со вкупна должина од 1.055 километри, што, според мароканските власти, го прави „најдолгата патна инфраструктура во цела Африка“.
Како што јавија мароканските медиуми, за планот за преименување на автопатот кралот на Мароко, Мохамед Шести го известил Трамп уште на почетокот на јули.
Во писмото кралот Мохамед Шести наведува дека на овој начин Мароко сака да му се заблагодари на Трамп за неговото „историско признавање на мароканскиот суверенитет над неговата Сахара во 2020 година, што засекогаш ќе биде врежано во меморијата на Мароканците“.
Во декември 2020 година, Трамп изрази поддршка за планот за автономија на Западна Сахара под марокански суверенитет во замена за нормализација на односите на Мароко со Израел.
Трамп уште минатата недела и пред да биде донесена официјалната одлука за преименувањето на автопатот му се заблагодарила на кралот Мохамед Шести, нагласувајќи дека со тоа му е направена „голема чест“.
„Се радувам еден ден, а се надевам наскоро, да патувам по овој неверојатен автопат “, наведе Трамп на својата платформа Truth Social.
Спорната територија Западна Сахара
Западна Сахара беше шпанска колонија до 1975 година и оттогаш е под контрола на Мароко.
Статусот на територијата е спорен. Обединетите нации ја сметаат за „несамоуправна територија“, а Мароко за „своја територија“.
Помеѓу Мароко и Фронтот Полисарио, милитантно движење што се бори за независност на Западна Сахара бесенее конфликт веќе 50 години, во кој загинаа илјадници.
Западна Сахара се граничи со Мавританија, Алжир и Мароко. Нејзината површина е приближно 266.000 квадратни километри, но има едвај 650.000 жители.




