Мандатот на актуелниот претседател на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази истекува на 8 ноември, а дотогаш треба да биде избран неговиот наследник.
Абази најави дека нема да се кандидира за нов мандат со што местото го отстапува на кандидатите кои имаат рок да се пријават на огласот заклучно до викендов, а до понеделник ќе се чекаат и пријавите испратени по пошта.
За функцијата претседател на едно од најважните обвинителства во државата досега се пријавени четворица кандидати – Искра Хаџи Василева, Лидија Раичевиќ, Фатон Азизи и вишиот јавен обвинител Јове Цветановски.
Новиот раководител ќе треба да раководи со институција која одлучува за истраги против носители на јавни функции, организиран криминал и корупција на високо ниво.
Актуелниот шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази не беше по терк на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Неколкупати се соочи со обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ особено по донесувањето на одлуките на Обвинителството за случајот со набавката на мазут во ТЕЦ Неготино и случајот со модуларните болници.

