Домашни производи, традиционални деликатеси, дегустации, мастер-класови и едукативни содржини ќе бидат дел од петтото издание на „Слоу Фуд салонот“, што ќе се одржи денеска од 11 до 20 часот во хотелот „Континентал“ во Скопје.
Производителите од сите конвивиуми на „Слоу Фуд Македонија“ ќе ги претстават своите производи, меѓу кои млечни и сувомесни специјалитети, зимница, домашни сокови, производи од тартуфи, мед, маџун, маслиново масло, слатка и џемови. Посетителите ќе имаат можност да ги дегустираат и да ги купат изложените производи.
Програмата не е ограничена само на изложбено-продажниот дел. Најавени се мастер-клас за наградуваните вина на светските вински натпревари во 2026 година, мастер-клас за пивски стилови и дестилати, како и „Слоу Фуд миксологија“, преку која ќе бидат претставени коктел-комбинации подготвени со пијалаци од производители на „Слоу Фуд“.
Во рамките на „Слоу Фуд Арена“ ќе се одржат панел-дискусии за здрава детска исхрана, обичаите како начин за воздигнување на храната и одговорностите и решенијата поврзани со вишокот храна.
Дел од програмата е и Школата за одржлива гастрономија, во која ќе бидат презентирани производството на леб од кисело тесто и подготовката на сирење со природно сирило.
На „Слоу Фуд инфо-дескот“ посетителите ќе можат да се запознаат со „Слоу Фуд фармите“, додека интерактивниот „Слоу Фуд ѕид“ ќе им овозможи да остават свој белег преку омилен рецепт, кулинарска мисла или порака посветена на храната.

