Актерката Сара Климоска вечерва во 17 часот во „Котур кафе и филм“ ќе ја изведе монодрамата „Забранетиот плод“, работена според истоимениот стрип на шведската авторка Лив Стромквист.
Претставата е продукција на „Вондерленд театар“, во соработка со „Котур кафе и филм“, а е замислена како едукативна театарска претстава. Драматизацијата е на Викторија Рангелова-Петровска, режијата на Нела Витошевиќ, костимот, маската и дизајнот на плакатот се на Бранкица Јордановска, а музиката ја компонира Ива Дамјановски.
Графичкиот роман на Стромквист претставува духовит, провокативен и феминистички осврт на историјата на женското тело, особено на женските гениталии и сексуалноста. Преку историски факти, анегдоти, научни сознанија и елементи од поп-културата, авторката открива како низ вековите општеството, религијата и науката создавале табуа, срам и предрасуди околу женското тело.
Со иронија и хумор, делото ги разобличува патријархалните механизми на контрола врз жената.
По премиерата во Скопје, монодрамата ќе има неколку гостувања во други градови низ државата, а потоа ќе стане дел од редовниот репертоар на „Котур“.
Претставата е поддржана во рамките на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира „Хартефакт фонд“.

