Еден од најчитаните македонски писатели Венко Андоновски е добитник на државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на културата и уметноста. Наградата ќе му биде врачена денес на свеченост во македонското Собрание.
Андоновски е романописец, раскажувач, драмски автор, поет, есеист, критичар и книжевен теоретичар. Тој е доктор по филолошки науки и работи како професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Неговото творештво е богато и се состои од поезија, раскази, романи, драми и книжевна критика. Тој е еден од најчитаните македонски писатели. Неговиот роман „Папокот на светот“ со кој станува познат, е продаден во над 12.000 примероци, а романот „Вештица“ го надминува тиражот од 7.000 примероци. Неговите дела се преведени на англиски, француски, руски, грчки, словенечки, хрватски, српски, бугарски…

