Пожарот што претпладнето избувна меѓу селата Горно и Долно Чичево во општина Градско се гаси со сите расположливи ресурси. Ангажирани се противпожарни единици од Велес, Неготино и Кавадарци и вклучени се и трите ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување и полициски хеликоптер.
Поради високата и сува трева и силниот ветер пожарот се раширил со голема брзина.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов вели дека битката со овој пожар ќе биде долга и тешка.
Пожарот најверојатно е започнат од стрниште, но поради високата и сува трева и ветерот којшто овде дува, се раширил со голема брзина загрозувајќи ги двете села, изјави Ангелов.
Спасени се овоштарници, а огнената линија е повеќе од 10 километри.
Втор тежок пожар е пожарот на Китка кај селото Палиград.
Според Ангелов, се работи за стрмен терен, но важно е дека спасено е селото Палиград и не е загрозено ниту едно населено место.
За овој пожар постојат сомневања дека е подметнат бидејќи, според изјавата на Ангелов, некој упорно го потпалува пожарот.
-Во повеќе наврати иамвме апсолутна контрола над него, а во неколку наврати беше изгаснат на нула, но некој упорно го пали. Дали мотивите се осветнички или користољубиви или други криминални мотиви, за нас е ирелевантно, само повеќе од сигурно е дека овој пожар некој упорно го потпалува, изјави Ангелов.
Синоќа при враќање на пожарникарите била забележана линија долга до километар односно палење на повеќе позиции и правење огромна и долга линија.

