Новата учебна година е на самиот старт, а Македонија ја почнува со поразителни бројки – 200 паралелки помалку во основно образование и 100 паралелки помалку во средно образование.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска соопшти дека запишани се околу 14.500 првачиња. Иако овој број не е конечен бидејќи запишувањето трае до крајот на септември, сепак проценките се нема да се достигне бројката на запишани првачиња од минатите години.
Годинава ќе бидат затворени и 26 училишта во руралните средини во кои нема упис на првачиња и учат мал број ученици од пет до осум.
Во моментот имаме околу 200 паралелки помалку во основното образование и 100 паралелки помалку во средното образование. Потенцирам дека тоа се прави со цел да им се овозможи социјализација на учениците, подобар квалитет на образование на учениците, а не изолирано постоење во одредена рурална средина каде што владеат одредени принципи, па и одредени стереотипи, и каде што квалитетот на образованието не може да биде соодветен поради малиот број на ученици, рече Јаневска на прес-конференција.
Учење во комбинирани паралелки, како што тврди министерката, ќе има само онаму каде подрачното училиште се наоѓа на повеќе од 15 до 20 километри оддалеченост од најблиското централно училиште.
Според министерката, учебната година ќе почне со веќе готови учебници.

