Аналитичарите предупредуваат дека новиот модел на проширување на европското семејство ќе има смисла само ако навистина го скрати патот до членство, а не ако донесе дополнителни услови без јасна противвредност. Додека Брисел бара начин да се заштити од идни блокади, кандидатите стравуваат од нееднаков третман и ново одложување на веќе долгиот пристапен процес, пишуба Слободен печат.
„Не е исто Македонија да чека 10 години внатре во Европската Унија за да ги добие полните права и да чека 10 години надвор само за да го започне процесот“.
Вака политичкиот аналитичар Петар Арсовски во разговор за „Слободен печат“ ги коментира новите решенија што се разгледуваат во Брисел, меѓу кои е можноста новопримените држави привремено да не го користат правото на вето, да им биде ограничен пристапот до европските фондови, како и да се намали бројот на еврокомесари.
Земјите кандидати би можеле побрзо да влезат во ЕУ, но според модел што во првите години од членството би предвидувал поинаков режим на одлучување од оној што важи за сегашните членки. Според Арсовски, таквото решение може да има политичка логика само доколку е директно поврзано со забрзување на процесот на пристапување.
– Ако воведувањето на таканаречениот претпристапен простор оди паралелно со забрзување на евроинтегративниот процес, тогаш тоа има политичка смисла и функционалност – вели Арсовски.
На брза лента, ама со помалку права
Според него, клучно е новиот модел да не се претвори во дополнителен слој услови без конкретна противвредност за кандидатите.
– На кандидатите практично би им се кажало: ќе имате помалку права, но ќе влезете побрзо, а периодот до добивањето на полните права ќе го поминете внатре. Но, ако тоа се претвори во двојно губење, односно да се чека подолго, а на крај да се добијат помалку права, тогаш сериозно ќе биде нарушен кредибилитетот на пристапувањето – објаснува Арсовски.
Тој посочува дека зад ваквите идеи стои стравувањето дека Унијата со повеќе од 30 членки би можела да стане понеефикасна, особено во областите во кои одлуките се носат едногласно.
– Системот во кој поединечни земји членки можат да блокираат одлуки за буџетот за одбрана, санкциите кон Русија и други важни прашања создава проблем за функционирањето на Унијата. Дополнителен проблем е внесувањето билатерални спорови во пристапниот процес. Постои стравување дека, на пример, ако биде примена Албанија, таа подоцна би можела да ја попречува Србија. Истото важи и за Црна Гора, бидејќи во поново време односите таму се влошени. Се разбира, ова не е пријатна вест за новите земји членки. Но, колку што јас го разбирам документот, сепак станува збор за привремено решение – вели Арсовски.
…
Прашањето за функционирањето на Унијата добива дополнителна тежина во пресрет на евентуалното ново проширување. Постигнувањето едногласност и со сегашниот број членки е сложено во повеќе области, меѓу кои надворешната политика, санкциите, буџетските прашања и самото проширување.
Неколку влијателни земји членки затоа предложија во идните договори за пристапување да се вградат посилни заштитни клаузули. Намерата е ЕУ да располага со инструменти за реакција и откако една држава ќе стане членка, кога условувањето што постои во текот на пристапните преговори веќе не може да се применува на ист начин.
„Пробни балони“
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, пак, за „Слободен печат“ вели дека ваквите најави од Брисел сѐ повеќе наликуваат на пробни балони во насока на тоа на аспирантите за членство да им се покаже дека нешто се работи и дека дел од досегашните критериуми ќе се менуваат.
– Реално гледано, ЕУ се соочува со големи внатрешни проблеми и во моментот фокусот не е на прием на нови членки, туку кон преструктуирање на самата ЕУ, намалување на силата на радикалната десница, особено во Германија, како и војната во Украина, која предизвикува сериозни проблеми на економски план во ЕУ – објаснува Пекевски.
Тој не очекува во наредниот период суштинска промена на политиката кон потенцијалните членки, туку, напротив, смета дека допрва може да се појават проблеми со вета кон Црна Гора и кон Албанија.
– Ветото е силна алатка за остварување одредени цели и верувам дека ниедна држава нема да сака да се откаже од таа алатка – посочува Пекевски.

