Владата ја донесе мерката што ја најави премиерот Христијан Мицкоски – ДДВ-то за дизелот е намалено од 18 на 10 проценти. Мерката ќе важи до 28 септември.
Согласно пресметките на Владата, со намалувањето на ДДВ од 18% на 10% значително ќе се ублажи очекуваното зголемување на цените на горивата. Кај нафтата, наместо редовното очекувано зголемување од околу 5 денари, со оваа мерка се очекува намалување од околу 2 денари. Тоа значи вкупно ублажување на ценовниот удар од околу 7 денари, при што новата цена би изнесувала околу 99 денари за литар, велат од Владата.
Кај бензините, согласно пресметките, се очекува зголемување од околу 3,5 денари, што значи дека новата цена би изнесувала околу 100,5 денари за литар за бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95, односно 102,5 денари за литар за бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98.
Со оваа одлука Владата презема конкретна и навремена мерка за заштита на животниот стандард на граѓаните, намалување на финансискиот товар и поддршка на стопанството во услови на кризна состојба, вели Владата.
Регулаторната комисија за енергетика утре треба да донесе нова одлука за цената на горивата која ќе важи до следниот понеделник.
Реагираше опозицијата.
За Либерално-демократската партија, ваквата мерка е економска бесмислица и длабока навреда за македонските граѓани. Либерално-демократската партија бара итна, соодветна и таргетирана интервенција пред цените целосно да заминат во плафон.
Владата мора веднаш дополнително да ги засече и намали акцизите и да воведе директни заштитни механизми исклучиво за македонските граѓани, домашните превозници, малите претпријатија и земјоделците. Ограничете ги монополските маржи и насочете го буџетот директно кај оние на кои им е најпотребен, наместо да правите ПР-повици со народни пари, велат од ЛДП.
Од СДСМ со порака – ова не е грижа, ова е доцна шминка.
Горивото не е луксуз. Горивото е превоз до работа, леб до продавница, стока до пазар, плата што се топи пред да стигне дома. Кога дизелот лета, лета сè. Тие тоа го знаеа. Чекаа, велат од СДСМ.

