Производителите на шампањското вино во Франција добија исклучителна дозвола да пуштаат во продажба шишиња со процент на алкохол до 15 проценти, односно над вообичаената граница од 13 проценти. Ваквата дозвола е поради сувото и топло лето што резултира грозјето да содржи повеќе шеќер, а со тоа и повеќе алкохол.
Вообичаено, содржината на алкохол во шампањското се движи меѓу 12 и 13 проценти. Поради исклучителните временски услови во изминатите неколку месеци, содржината на шеќер во грозјето се зголеми побрзо од вообичаеното, што резултираше со повисок потенцијален степен на алкохол во виното.
„Поради горештините, во грозјето има повеќе шеќер, а тој шеќер се претвора во алкохол. Повеќе шеќер значи и повеќе алкохол. Затоа е донесена исклучителна одлука да се дозволи повисок процент на алкохол“, соопшти францускиот Комитет за шампањско.
Исклучително рана берба
Според одгледувачот на шампањско грозје Јохан Карстенс од француската винарија „Луј Кастерс“, бербата оваа година започнала невообилаено рано.
„Во просек, започнуваме околу 15 септември. Оваа година, многу производители почнаа со берба уште на 17 август и завршија пред 1 септември. Никогаш не сум видел вакво нешто во 50 години“, изјави Карстенс.
Според него, ваквата состојба се должи на комбинацијата од екстремни горештини и долготрајна суша.

„Речиси и да немаше дожд од почетокот на јуни, а температурите често се движеа меѓу 32 и 38 степени. Зрната грозје останаа мали, но развија многу повисока концентрација на шеќер“, објаснува тој.
Податоците од Комитетот за шампањско покажуваат дека првото грозје на некои парцели било набрано уште на 6 август, што претставува најрана берба некогаш забележана во регионот.
Сепак, потрошувачите нема нужно да ја почувствуваат повисоката содржина на алкохол. Шампањското традиционално се добива со мешање на различни вина и берби за да се гарантира постојан вкус.
Карстенс објаснува дека многу производители користат резервни вина од претходните години.
„Ако можете да измешате вино од оваа година со повисок процент на алкохол со резервно вино кое има, на пример, 11 проценти алкохол, повторно го добивате класичниот профил“, вели винарот.
За производителите што немаат такви резерви, ситуацијата е поинаква. Нивниот шампањ од оваа берба би можел да достигне 13,5 или 14 проценти алкохол. Според експертите, тоа ќе влијае на вкусот, што може да резултира со малку помала свежина и киселост од вообичаеното.
Според претставници на секторот, ова отстапување важи само за ограничен број производители и привремено се смета за еднократен одговор на исклучителна берба.
Низок принос на грозје
Иако квалитетот на грозјето е ветувачки според оценките во секторот, приносот е значително помал отколку во претходните години. Поради пролетниот мраз, горештините и сушата, гроздовите останале помали.

Карстенс зборува за гроздови што тежат речиси половина од вообичаената тежина. „Квалитетот е тука, но количината ја нема“, истакнува тој.
Винариите можат делумно да го надоместат тој помал принос преку користење стратешки резерви – систем во кој виното од одлични берби се чува настрана за да се компензираат послабите години.
И покрај помалите количини, неколку производители зборуваат за берба со потенцијал за исклучително силни вина.
Прашањето за повисокото ниво на алкохол се вклопува во поширока дискусија: како климатските промени ќе го изменат европското лозарство?
Според експертите, сè почести се примерите на преместување на земјоделските активности кон посеверните региони. Така, веќе денес гледаме успешно лозарство и во Скандинавија. Дополнително во Европа сега се тестираат и други култури што претходно растеа главно во потоплите региони.
Во францускиот регион Шампањ истакнуваат дека секторот со години се прилагодува преку истражувања на сорти грозје отпорни на суша, изменети методи на одгледување и нови техники на берба. За време на топлотните бранови се применуваат и ноќна берба и прилагодено работно време.
Некои производители посочуваат дека и во минатото спорадично се случувало грозјето да се бере порано, но се очекува тоа сè повеќе да стане норма.

