Уште два фризерски салони во Холандија синоќа беа цел на напади, јавија холандските медиуми, прашувајќи дели станува збор за „војна на фтизерите“, по серијата напади врз фризерници во јужниот дел на земјата изминатиов период.
Засега непознати сторители ноќеска околу 1 часот по полноќ отвориле оган врз фризерски салон во центарот на градот Влардинген во провинцијата Јужна Холандија. Според медиумите, на излогот од фризерницата се видливи три дупки од куршуми.
Нешто подоцна, околу 2 часот по полноќ, дошло до екплозија во фризерски салон во Ротердам во истата провинција, при што се оштетени излогот на објектот и еден паркиран автомобил.
И при двата инциденти нема повредени лица.
Според локалниот медиум „Рајнмонд“, двата објекти се дел од истиот ланец фризерски салони.

Во неделата вечерта, при експлозија беше уништен излогот на уште еден фризерски салон во Влардинген, откако во последните месеци и други фризерници во регионот повеќе пати беа цел на напади и вандализам.
„Војна на фризерите“
Новинарот на холандскиот јавен радиодифузен сервис НОС, Јорис ван Попел, вели дека сè започнало минатата пролет со фрлање боја и испишување графити на излозите на неколку фризерски салони во регионот, за потоа ситуацијата значително да ескалира.
„Се кршат излози со тули, се случуваат експлозии со запаливи направи, а сега има и пукање“, изјави Ван Попел.
Еден салон е веќе затворен на барање на сопственикот на просторот, кој проценил дека „ситуацијата е премногу опасна“, а локалните власти на Влардинген наредија затворање на неколку фризерници.
Сè уште не е јасно која е точната причина за зачестените инциденти. „Се слушаат гласини дека станува збор за војна околу цените, затоа што некои фризери наплаќаат под основната цена. Но, толкаво насилство поради вакво нешто е, всушност, нелогично“, вели Ван Попел.

Според него, можеби во позадина стои и нешто друго, „нешто криминално“. Но, засега, тоа останува само шпекулација.
Самите фризери велат дека не знаат што се крие зад тоа или пак не сакаат да зборуваат. Полицијата го истражува случајот.
„Војна на чистачите на прозорци“
Ситуацијата потсетува на „војната на чистачите на прозорци“ во Холандија од пред неколку години, кога се водеше жестока конкурентска борба меѓу компаниите, која исто така ескалираше во насилство, закани и изнудување.
По спроведената истрага, се покажа дека не станува збор само за борба за превласт која излегла од контрола, туку дека биле вмешани и криминал поврзан со дрога, како и социјална експлоатација.

