Ретки колекционерски картички, вклучително и многу вредни Покемон картички со вкупна проценета вредност од 963.000 долари, биле украдени од камион на „FedEx“ во Санта Ана, Јужна Калифорнија, соопшти локалната полиција.
Кражбата се случила на 13 октомври пред канцелариите на „Professional Sports Authenticator“ (PSA) – компанија која врши автентификација и проценка на колекционерски картички – соопшти полициската управа на Санта Ана, а денеска пренесе „ABC News“.
Според полицијата, крадците однеле две полни палети со колекционерски картички, како и дел од содржината на трета палета. Меѓу украдените предмети има различни видови колекционерски добра, како што се спортски картички и Покемон картички.
Од полицијата наведоа дека проценетата вредност на украдените предмети изнесува 963.000 долари, иако точната вредност допрва треба да се утврди. Картичките им припаѓаат на колекционери од различни делови на САД, кои ги испратиле до PSA за автентификација и проценка.
Како што пренесува „The Athletic“, повикувајќи се на полициски извори, во камионот било провалено додека возачот бил отсутен меѓу 60 и 90 минути. Засега нема информации за апсења, а истрагата е во тек.
Компанијата „Collectors“ – матичната компанија на PSA – соопшти дека соработува со полицијата и со превозникот во рамките на истрагата. Сертификатите за украдените картички се деактивирани, а деловните партнери на пазарот се известени да внимаваат на појавата на овие ретки предмети и картички со уникатни сериски броеви.
Од компанијата исто така наведоа дека стапиле во контакт со оштетените клиенти и работат на обезбедување надомест врз основа на реалната пазарна вредност на картичките.
Од „FedEx“ изјавија дека безбедноста на пратките на нивните клиенти е приоритет и дека соработуваат со локалните органи на редот.
Еден од оштетените колекционери, познат под онлајн прекарот „Sky-B Cards“, изјави дека меѓу украдените предмети имало 104 картички што тој ги испратил на проценка. За оваа услуга платил повеќе од 8.000 долари, додека осигурената вредност на неговите картички надминувала 150.000 долари. Оваа кражба е најновата во низата слични инциденти, што укажува на растечката вредност – како и побарувачката – за „Покемон“ картичките. Во февруари, крадци однесоа „Покемон“ картички во вредност од десетици илјади долари од продавница за колекционерски предмети во Анахајм, Калифорнија, додека во април, од продавница во Чикаго беше украдена колекција проценета на 100.000 долари.
Џаред Маст, претседател на „Mast Wealth Management Group“ – фирма специјализирана за алтернативни инвестиции, вклучително и колекционерски предмети – претходно оваа година изјави за „ABC News“ дека цените на „Покемон“ картичките пораснале за 200 до 300 отсто во текот на претходните 12 месеци. Според него, порастот на вредноста на картичките се случил во неколку бранови во текот на изминатата деценија – вклучително и по лансирањето на мобилната игра „Pokémon GO“ во 2016 година, како и поради зголемениот интерес за колекционерство меѓу славните личности во 2019 и 2020 година.
Во Калифорнија украдени се Покемон картички во вредност од речиси еден милион долари

