Во претсрет на денешното објавување на конечната пресуда за четворицата поранешни водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на кои во Хаг им се судеше под обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото, вчера попладне во Скопје беше одржан собир за поддршка на обвинетите, објави 360 степени.
Настанот, како што пренесе телевизија Телма, се одржа на плоштадот „Скендербег“ и траеше околу половина час.

Пред насобраната група граѓани, покрај организаторите од Албанскиот младински форум, се обрати и поранешниот командант на ОНА и поранешен пратеник во Собранието Џезаир Шаќири – Хоџа.
Присутните на настанот носеа маици со ликовите на поранешните водачи на ОВК и од настанот упатија порака дека очекуваат ослободителна пресуда од Специјализираниот совет во Хаг.
„Симболиката на овој собир е дека тие треба да бидат ослободени и дека никој не може да каже дека УЧК била криминална организација. Таа не беше криминална. Таа организација ја донесе слободата на Албанците во Косово и на сите места каде што живеат Албанци. Ние веруваме дека тие ќе бидат ослободени, а во случај тоа да не се случи, тоа ќе биде поради влијание на некои меѓународни фактори“, изјави Јасир Асани од Албанскиот младински форум за телевизија Телма.

Инаку, во саботата (12 септември) во Приштина се одржа марш и голем собир за поддршка на поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими.
На маршот присуствуваше и претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети, кој на својот официјален фејсбук-профил напиша дека во Приштина марширале за „слободата и за поддршка на ослободителите“ и дека народот „јасно ја кажал својата пресуда за Тачи, Весели, Красниќи и Селими – да бидат прогласени за невини“.

