Во Културно-информативниот центар во Скопје вечерва ќе биде поставена изложбата „Сведоштва“ од Виктор Настоски.
Портретите се емоционален запис, документ и социјална анатомија на состојбата на човекот и средината во која, и самиот уметник, живее.
Овие портрети се директна уметничка манфестација на настаните кои му се случија на ова друштво во поблиската историја. Интересен момент е пристапот кон претставата за човек. Уметникот ги гледа децата како самиот човек. Тие не стануваат луѓе – тие се луѓе. Во нивната искреност, ранливост и игра се содржи есенцијалната вистина за човечкото битие.
Овие портрети се базирани врз живи субјекти, но и измислени. Тие се метафора на издржливост, отпор, молк и страв но и на директен дијалог, незадоволство, насилство и разочарување. Секоја слика е огледало во кое сите ние сме се сретнале самите со себе.

