Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ јавно го повикува Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) да постапи по нашите барања за информации од јавен карактер поврзани со загадувањето и постапката за обновување на А-интегрираната дозвола на ТИТАН Усје.
Иако законскиот рок за постапување е 20 дена, поминаа 69 дена без одговор.
До МЖСПП доставивме барања за:
● мислењата добиени од Град Скопје, Општина Кисела Вода и Министерството
за здравство во постапката за обновување на А-интегрираната дозвола;
● целосниот записник од јавната расправа одржана на 03.07.2026 година;
● информација кога и каде ќе биде објавена новата нацрт-дозвола;
● официјално побаравме и одржување на нова јавна расправа за нацрт-дозволата,
● како и многу други информации за мерења на тешки метали, годишни извештаи
за животна средина од ТИТАН Усје и останато…
По доставените барања следуваа и ургенции и повторни ургенции.
Одговор – нема.
КОГО ГО ЧЕКАМЕ?
Нашите барања се упатени до одговорните лица во институциите кои имаат обврска да
обезбедат транспарентност и пристап до информациите од јавен карактер:

МЖСПП:
● Беса Татеши – раководител на Одделението за интегрирано спречување и
контрола на загадувањето (ИСКЗ);
● Игор Никоски – директор на Управата за животна средина;
● Ане Лашкоска – заменик-министер за животна средина и просторно планирање;
● Фатос Балиу – заменик-раководител на Секторот за индустриско загадување и
управување со ризик (СИЗУР).
ДИЖС:
● Ивана Гиновска – директор на Државниот инспекторат за животна средина;
● Дарко Блинков – генерален инспектор за животна средина.
Овие институции и нивните службеници се финансираат со јавни средства и имаат
обврска да постапуваат транспарентно и во интерес на јавноста.
Затоа прашуваме:
КАДЕ СЕ ИНФОРМАЦИИТЕ И КОЈ ЌЕ СНОСИ ОДГОВОРНОСТ ЗА МОЛКОТ?
Пристапот до информации од јавен карактер не е услуга што институциите им ја даваат
на граѓаните, туку законско право на јавноста.
Кога станува збор за загадувањето, животната средина и постапката за А-интегрираната
дозвола на еден од најзначајните индустриски загадувачи во Скопје, транспарентноста не
смее да биде избор!
„Стоп за Усје“ ќе ги искористи сите расположливи законски механизми за да го
заштити правото на граѓаните на информираност и пристап до информации од јавен
карактер.
Секој ден молк значи помалку транспарентност и доверба во институциите!
Соопштение на Граѓанска иницијатива „Стоп за Усје”

