Две сообраќајни несреќи со тешко повредени лица биле пријавени вчера во Скопје. Во едната несреќа бил повреден 49-годишен возач на мопед, а во другата шестгодишно дете кое се возело како сопатник на електричен тротинет управуван од 11-годишник.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, првата несреќа била пријавена во 7:30 часот на крстосницата на улиците „Благоја Стефковски“ и „Методија Андонов Ченто“. Во неа учествувале патничко возило „фолксваген голф“, управувано од 51-годишен скопјанец, и мопед со штипски регистарски ознаки, управуван од 49-годишен жител на радовишкото село Јаргулица.
Возачот на мопедот се здобил со тешки телесни повреди, кои биле констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Втората несреќа била пријавена во 18:05 часот на крстосницата на улиците „Лек Дукаѓини“ и „Клинска Леса“. Во неа учествувале патничко возило „фолксваген“, управувано од 22-годишен скопјанец, и електричен тротинет што го управувал 11-годишник од Скопје.
Во несреќата тешко бил повреден шестгодишниот сопатник на тротинетот, а повредите биле констатирани во Ургентниот центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Од двете несреќи биле извршени увиди од увидни екипи на СВР Скопје.

