Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски e избран за потпретседател на СДСМ. Тој на седницата на Централниот одбор на партијата повика на сплотеност и меѓусебна доверба.
Не мора секогаш да мислиме исто. Не мора секогаш да се согласуваме. Но мора да знаеме што нè спојува. Тоа се нашите принципи, одбраната на социјалдемократијата и борбата за достоинствен живот на граѓаните, рече Герасимовски.
Според него, различното мислење не треба да биде причина за поделби, туку поттик партијата да стане посилна. Првиот чекор кон враќање на довербата кај граѓаните е членовите повеќе да разговараат, да се слушаат и да работат заедно.
Само сплотени можеме силно да се спротивставиме на режимот на ДПМНЕ. Само сплотени можеме да ги браниме нашите вредности. И само сплотени можеме повторно да ја вратиме довербата на граѓаните, порача Герасимовски.
Најави дека ќе биде отворен за секој член, за секоја добра идеја и за секоја критика што може да ја направи партијата подобра.

