Штетникот Lycorma delicatula, кој веќе предизвика значителни штети во земјоделството во САД, за првпат е забележан во Унгарија, соопшти унгарската Национална агенција за безбедност на храната (Небих).
Lycorma delicatula или позната како мува во боја, пегава мушичка или дамчеста цикада, која потекнува од Југоисточна Азија, е идентификувана во јужниот унгарски округ Бач-Кишкун кај границата со Србија.
„Ова е прво потврдено откривање на инсектот, кој ЕУ го класифицира како карантински организам, во Унгарија и во Европската Унија“, се наведува во соопштението на Небих.
За појавата Агенцијата била известена од локален жител кој самиот не можел да го идентификува инсектот.

„Последователните лабораториски анализи го потврдија неговото присуство, а надлежните органи ги презедоа неопходните карантински мерки“, соопшти Небих, додавајќи дека будноста на јавноста и навременото пријавување се клучни за да се спречи овој штетник да се зацврсти и да се прошири.
Во опасност се дрвјата и лозјата
Овој шарен инсект, кој може да порасне до 2,5 сантиметри во должина и 1,5 сантиметри во ширина, предизвикува посебна загриженост кај научниците, бидејќи може да го загрози одгледувањето дрвја и лозарството.
Се храни со повеќе од 70 видови украсни растенија, овошки, дрвја што даваат јаткасти плодови и шумски култури, а особено ја сака виновата лоза. Возрасната единка цица сок од растенијата со што ги лишува од клучни хранливи материи. Инсектот е безопасен за луѓето и животните.
Инсектот првпат е откриен во САД во 2014 година, во округот Беркс во сојзуната држава Пенсилванија. Според научниците, тој пристигнал во земјата две години претходно преку пратка со камен од Азија.
Во студија од 2020 година, Универзитетот во Пенсилванија процени дека „мувата во боја“ е одговорна за годишни загуби од 554 милиони долари и губење на 5.000 работни места во таа сојузна држава.

