Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ повикува на протестна блокада во вторник, 1
декември, со почеток во 17:30 часот, на раскрсницата кај Црвен Крст во Скопје.
По повеќе од една година институционално одложување и отсуство на конкретни решенија,
граѓаните повторно излегуваат на улица за да побараат функционален надзор над индустриското загадување, транспарентност и одговорност од надлежните институции.
Министерството за животна средина и просторно планирање сè уште нема објавено ниту драфт верзија на новата А-интегрирана еколошка дозвола за „Титан Усје“, ниту најава за јавна расправа.
Во исто време, остануваат неодговорени и системските барања за подобра контрола на индустриските загадувачи.
Меѓу клучните барања на граѓаните се:
● Активирање на државна акредитирана лабораторија за независна контрола. Пред шест месеци, министерот Хоџа изјави дека лабораторијата е целосно опремена и дека за нејзина акредитација недостига уште еден обучен вработен. Шест месеци подоцна, таа сè уште не функционира.
● Усогласување на алармните прагови за активирање мерки со препораките на Светската здравствена организација, со цел навремена заштита на здравјето на граѓаните.
● 24-часовно јавно објавување на емисиите од сите инсталации со А- интегрирана дозвола. Досега не е поставена ниту една нова државна мерна станица, ниту на индустриските загадувачи им е наложено јавно да ги објавуваат податоците од мерењата.
Дополнително, загрижува и начинот на кој функционира Државниот инспекторат за животна средина. Формалните инспекциски контроли, без континуирани реални мерења и конкретни корективни мерки, не обезбедуваат ефикасна заштита на граѓаните.
Новата А-интегрирана дозвола за „Титан Усје“ претставува важен тест за тоа дали државата ќе ги примени европските еколошки стандарди и ќе воспостави правила што ќе важат за сите индустриски загадувачи.
Не бараме уште едно ветување. Бараме институционална одговорност, функционален надзор и конкретни мерки.

Затоа, ги повикуваме сите граѓани да ни се придружат на протестната блокада:
📍 РАСКРСНИЦА КАЈ ЦРВЕН КРСТ НА Р. МАКЕДОНИЈА 📅 ВТОРНИК, 1 ДЕКЕМВРИ 2026 🕠 17:30 ЧАСОТ
Со почит, Стоп за Усје

