Поранешниот вицепремиер од редовите на ДУИ Артан Груби и останатите обвинети во случајот „Државна лотарија“ не се чуствуваат виновни за делата за кои ги товари Обвинителството.
Сите се изјаснија дека не чуствуваат вина, освен поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами кој е во бегство и на кого ќе му се суди во отсуство и Башким Авдиу кој денеска изјави дека не го разбира обвинението и побара да му биде доставено на неговиот мајчин јазик.
Обвинителството денеска на второто рочиште го презентираше пред судот обвинението и дејствијата што им се ставаат на товар на Артан Груби и останатите обвинети.
Со обвинението се опфатени поранешниот генерален директор на „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами, поранешниот генерален секретар на Владата Методија Димовски, поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, како и поранешниот претседател на Надзорниот одбор Скендер Мехмети и членовите Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авди.

