Режисерот Дарко Митревски планира да сними спин-оф на неговиот филм „Бал-кан-кан“ од 2005 година. Сценариото е негово, а главните улоги се резервирани за Сашко Коцев, Тони Михајловски и Јелена Јованова.
Митревски денеска на средба со новинарите откри дека се работи на екипирање на тимот и финансиската конструкција на проектот. Откри дека станува збор за љубовна, еротска, црна комедија која се случува во денешно време во Македонија со тажен крај.
Тоа е приказна за двајца луѓе кои се на дното на општеството, кои не се присутни во физичката реалност, кои се на раб на егзистенција и кои се сакаат. Единствниот начин за бегство од дното е да бидат успешни не во оваа реалност што ја живееме, туку во лажната реалност која исто така ја живееме, а се вика социјални медиуми, луѓе кои по грешка, по случајност, стануваат светски познати и колку повеќе заглибуваат во славата, толку повеќе пропаѓаат во животот зашто стварноста што ја живееме е лажна – стварноста на TikTok, на Facebook, на Instagram, рече Митревски.
Насловот сѐ уште е работен, но, вели Митревски, ќе биде инспириран од еден познат македонски шлагер.
Митревски од 2007 година живее во Америка. Режисер е на филмовите „ЗБогум на 20-тиот век“, „Балканкан“ и „Трето полувреме“.

