Полицијата денес излезе со детали за вчерашната акција во која беа извршени претреси на повеќе локации во Скопје, Тетово и Гевгелија.
Запленети се 100.000 евра, 16 плочки (златна боја), цигари и тутун без акцизни маркички, поголема количина лекови и суплементи, кои биле нелегално внесени во државата, повеќе мобилни телефони и други предмети.
Приведени се шест лица.
Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против осум лица: М.С. (52) од Тетово, З.С. (42) од Гевгелија, А.С. (38) од Скопје, Б.Љ. (46) од Тетово, Е.А. (55) од Скопје, Д.Џ. (46) од Тетово, Б.А.К. (34) и С.С. (42) , двајцата од Р.Турција, за повеќе кривични дела, меѓу кои „криумчарење“, „прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење“, „избегнување на плаќање акциза“, „примање поткуп“, „давање поткуп“, „производство и пуштање во промет штетни средства за лекување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.
Во периодот од 2024 до 2026 година, првопријавениот М.С. организирал нелегално внесување и складирање на цигари и тутун, како и нивна понатамошна препродажба. На царинскиот службеник З.С., му давал поткуп, а за возврат на членови на групата им било овозможено непречено пренесување на акцизна стока преку царинската линија без пријавување и плаќање на законските давачки, како и нелегално внесување на лекови и суплементи, наменети за продажба.

