Демократската обнова за Македонија (ДОМ) реагира на Нацрт – просторниот план до 2040 година во кој Иловица-Штука, Казандол, Плавица, Кадиица и Луке се локации за рударски развој.
Населението што живее во Струмичката Котлина мора да има суштински глас во одлуките за иднината на својот простор. Не може развојот на еден од најзначајните земјоделски региони во државата да се планира без сериозно да се земат предвид интересите на локалното население, земјоделството, водите и животната средина, велат од ДОМ.
Бараат учество на локалното население во одлучувањето, целосна процена на кумулативното влијание врз водите, почвата, земјоделието и здравјето на граѓаните, највисоки еколошки стандарди и целосна транспарентност и рударските локации да не се третираат како однапред определена развојна опција.
Струмичката Котлина е простор на плодна земја, развиено земјоделско производство и значајни водни ресурси. Секое планирање на рударски активности мора да ги земе предвид овие вредности и потенцијалните кумулативни влијанија врз нив. На Македонија не ѝ е потребен развој што ги жртвува плодните земјишта, водата и земјоделството, велат од ДОМ.
Вчера за истиот Предлог-просторен план реагираше и лидерот на СДСМ барајќи негово повлекување.

