Еврокомесарката за проширување Марта Кос предизвика големо внимание меѓу кандидатите за членство во ЕУ кога во септември најави дека годишен извештај за проширувањето, што ќе биде објавен попладнево, покрај оценки за напреокот на секоја од земјите аспиранти, ќе содржи и нови датуми за проширувањето.
Идејата, како што беше објаснето тогаш, беше да се постави временска рамка – „сидро“, за тоа кога земјите што најбрзо напредуваат би можеле да ги завршат преговорите за пристапување. Сепак, според извори во Комисијата, тоа нема да се случи денеска, поради противење на дел од земјите членки на ЕУ.
Земјите членки генерално се противат на поставувањето конкретни датуми, бидејќи сметаат дека тоа непотребно ги ограничува и инсистираат на тоа дека брзината на пристапувањето мора да зависи исклучиво од заслугите и спроведените реформи на секоја земја кандидат одделно.
Моментумот на Црна Гора
Денешниот извештај за проширувањето треба да биде охрабрувачки за Подгорица, бидејќи уште појасно ќе ја позиционира земјата како единствена која е на прагот на членство во ЕУ.
„Следните неколку месеци ќе покажат дали ЕУ е сè уште способна за проширување“, изјави вчера Милан Нич, виш истражувач во Германскиот совет за надворешни односи, на конференција одржана во Берлин.

Ирска, која е актуелен претседавач со ЕУ, има за цел да ги затвори сите преговарачки поглавја со Црна Гора до 15 декември. За в петок е закажана нова пристапна конференција, а планот е вакви средби да се организираат на секои две недели.
Додека земјите од ЕУ дискутираат за заштитните механизми што ќе им бидат наметнати на новите членки, како што е ограничувањето на одредени права на вето во период и до 15 години, се поставува прашањето на колкав обем на правни експериментирања ќе биде изложена Црна Гора?
Амбасадорот на Црна Гора во ЕУ, Петар Марковиќ вчера предупреди дека претераното ревносното наметнување заштитни механизми може „во очите на помалку информираните граѓани, да изгледа како казна за добро завршена работа“. Тој затоа предложи строгите заштитни мерки да се претстават како „позитивна условеност, зад која, сепак, се крие многу голем стап“.
„Придружно членство“ за Киев
Пред една година германскиот канцелар Фридрих Мерц првпат јавно ја промовира идејата на Украина да ѝ се додели „придружно членство“ во ЕУ. До оваа идеја тој дојде по објавувањето на американско-украинскиот мировен план од 20 точки, во кој се предлагаше Киев да стане полноправна членка на ЕУ уште во 2027 година.
Германскиот став беше дека ЕУ мора да биде подготвена во случај мировните преговори да наметнат потреба украинскиот претседател Володимир Зеленски да има што да им понуди на своите граѓани, за да го ублажи незадоволството од отстапувањето територии на Русија.
На крајот, Зеленски ја одби понудата на Мерц, оценувајќи ја како еден вид „членство од втор ред“, кое трајно би ја задржало Украина во „чекалната“ на ЕУ.

Сепак, се чини дека германскиот политичар не се откажува од идејата. Берлин останува на ставот дека за пристапувањето на Украина ќе биде потребен некаков посебен статус и е уверен дека глобалните случувања, како и напорите на самиот Зеленски да договори спогодба, ќе ја направат идејата на Мерц неизбежна.
И додека некои сметаат дека понудата за придружно членство претствува „празен термин“ кој никогаш не бил наменет за вистинските кандидати за членство, други сметаат дека Зеленски пребрзано ја одбил.
„Тоа што Украина веднаш ја отфрли иницијативата беше сериозна грешка. Можевме да искористиме некои од идеите како појдовна точка“, смета Иван Нагорњак од Институтот за европска политика од Киев.
Според некои, придружното членство за Украина ќе стане политички итно прашање како што ќе слабеат изгледите за вистинско пристапување, а тоа, велат тие, веќе се случува.
„Искрено кажано, Украина го изгуби „бонусот на солидарност“ што го доби кога Русија ја започна својата целосна воена агресија“, смета Миријам Космел, виш експерт во фондацијата „Бертелсман“, која е автор на нов извештај кој покажува тренд на опаѓање на поддршката за пристапувањето на Украина, особено во земјите основачи на ЕУ.

