Северна Македонија е на 64 отсто од просечното ниво на благосостојба во Европската Унија, а доколку продолжи досегашното темпо на приближување, ќе бидат потребни уште 52 години за да го достигне европскиот просек, покажува најновиот извештај за конвергација 2026. Европскиот просек можеби е достижен, но она што во моментот ги засега граѓаните е како да го поминат месецот. Пресметките за минималните месечни трошоци се различни, но заклучокот е еден – минималната плата не е доволна.
Сојузот на синдикати, кој со години ја пресметува минималната потрошувачка кошница, објави дека минималните трошоци за едно четиричлено семејство во октомври достигнале 70.358 денари или искажано во минимални плати тоа се две ипол минимални плати. Ако, пак, семејството живее под кирија во стан од 60 квадратни метри, тогаш месечните трошоци скокаат на 85.733 денари.
Од друга страна, владината потрошувачка кошничка покажува пониска сума, но и според таа пресметка, се потребни две минимални плати. Според Министерството за економија и труд, во август на едно четиричлено семејство му биле потребни 58.475 денари од кои само за храна и пијалаци биле потребни 21.132 денари.
Разликата во бројките се објаснува со различните методологии. Но, од перспектива на граѓанинот, методологијата не ја намалува сметката во маркетот, ниту пак ја плаќа киријата.

Власта уверува дека е подобрен односот меѓу инфлацијата и растот на платите, и покрај притисоците врз цените на храната и енергенсите. Заменик-министерот за економија Марјан Ристески вчера изјави дека минимална плата примаат само околу 2 отсто од вработените, додека поголем дел од населението се движи според висината на просечната плата.
Во меѓувреме, официјалните податоци покажуваат дека индексот на трошоците на животот во септември 2026 година е зголемен за 2,7 отсто во однос на истиот месец лани, додека индексот на цените на мало пораснал за 1,7 отсто.
И додека државата пресметува колку му е потребно за живот на едно просечното семејство, синдикатите пресметуваат колку е потребно за минимален живот, а извештаите пресметуваат колку години нè делат од европскиот стандард, граѓаните ја прават најдиректната пресметка – колку пари имаат и колку денови можат да издржат со нив.
И токму тука е најголемиот јаз меѓу статистиката и реалноста. За институциите, стандардот се мери со проценти, индекси и методологии, а за граѓаните, со полна потрошувачка кошничка, платени сметки и пари што остануваат до следната плата.

