Жител на египетското село Бехбеит ел Хагар во делтата на Нил, во дворот пред својата куќа пронајде две големи статуи кои, според експертите, го прикажуваат фараонот Рамзес Втори, кој владеел со Египет 67 години пред повеќе од 3.300 години, соопшти египетското Министерство за туризам и антиквитети.
Додека копал во градината пред својата куќа, мажот наишол на камен блок со натписи. Тој веднаш ја известил локалната канцеларија на Службата за антиквитети, а првичниот увид покажал дека станува збор за антички предмет.
Набргу потоа, на лице место пристигнал тим од експерти за да спроведе итни ископувања, при што биле биле откриени двете статуи, како и еден гранитен блок.
Првата статуа, висока 1,6 метри, ја прикажува главата на Рамзес Втори со двојна круна, симбол на обединувањето на Горен и Долен Египет. Експертите претпоставуваат дека целосната статуа на фараонот, вклучувајќи го и постаментот, била висока 8,5 метри.
Втората статуа е многу подобро зачувана. Торзото е долго приближно 2,4 метри и го прикажува фараонот со кралската покривка за глава „немес“, иако горниот дел е делумно скршен. Главата на оваа статуа е сè уште јасно видлива и добро сочувана, а покажува и голема сличност со првата статуа. Археолозите претпоставуваат дека и оваа фигура го претставува Рамзес Втори, но тоа сè уште не е потврдено.
Во близина на местото каде што биле пронајдени двете статуи, бил откриен и блок од розов гранит. Гранитниот блок е висок околу 1,3 метри и на него има хиероглифски натписи кои се однесуваат на Рамзес Втори.
Истражувањата и проучувањата во селото продолжуваат со надеж дека ќе бидат пронајдени уште предмети и ќе се утврди поврзаноста помеѓу различните наоди и самата локација.

