Вештачката интелигенција може да им помогне на децата полесно да учат и да стекнуваат нови знаења, но прекумерното потпирање на неа може да го ограничи самостојното размислување, да ја загрози приватноста и да ги наруши односите со врсниците. Родителите треба да разговараат со децата за придобивките и ризиците од оваа технологија и да им помогнат да развијат здрави дигитални навики, советува УНИЦЕФ.
Од чет-ботови и гласовни асистенти до образовни апликации, вештачката интелигенција сè повеќе станува дел од секојдневието на семејствата. За да им помогне на родителите полесно да се справат со предизвиците што ги носи нејзината употреба, УНИЦЕФ разговараше со Јинг Сју, доцент по вештачка интелигенција во учењето и образованието на Универзитетот Харвард.
Според Сју, разговорите за вештачката интелигенција може да започнат уште кога децата се мали, бидејќи тие често се среќаваат со оваа технологија дома, на училиште, преку медиумите или во разговорите со другарите. Родителите може да ја искористат нивната природна љубопитност за да им објаснат што може, а што не може да прави вештачката интелигенција.
За помалите деца, корисни почетни примери се роботските правосмукалки, паметните звучници и роботските играчки. Преку нив родителите може да објаснат дека технологијата следи упатства, препознава обрасци или реагира на глас, но не размислува и не чувствува како човек.
Вештачката интелигенција може да помогне во учењето, но и да ја намали самостојноста
Алатките со вештачка интелигенција можат да објаснуваат сложени идеи, да одговараат на прашања и да нудат вежби приспособени на потребите на учениците. Кога се дизајнирани за подучување конкретни знаења и вештини, децата можат да учат со нив подеднакво ефикасно како и со човечки наставници, наведува Сју, повикувајќи се на истражувања.
Сепак, постои ризик учениците да почнат да ѝ ги препуштаат училишните обврски на вештачката интелигенција, наместо самостојно да ги решаваат задачите. Прекумерната помош може да ги лиши од напорот што е важен за долгорочното учење, а навиката да бараат готови одговори може да ја отежне способноста за критичко размислување и решавање проблеми.
Затоа, родителите треба да разговараат со децата за тоа како ја користат технологијата, што им помага да научат и во кои ситуации таа им го отежнува самостојното работење.
Личните податоци и емоционалната зависност се меѓу ризиците
Особено внимание треба да се посвети на приватноста. Децата може да споделуваат лични информации со алатките со вештачка интелигенција, вклучително и детали за училиштето, домашните навики, пријателствата, чувствата или здравјето, без да бидат свесни колку тие информации се чувствителни.
УНИЦЕФ препорачува родителите заедно со децата да ги проверуваат поставките за приватност, да се информираат какви податоци собираат платформите и да ги учат децата да размислуваат пред да споделат лични информации за себе или за други луѓе.
Покрај заштитата на податоците, важно е да се следи и влијанието на вештачката интелигенција врз емоционалниот и социјалниот развој. Според Сју, некои тинејџери изјавиле дека им е полесно да разговараат со вештачка интелигенција отколку со врсници или возрасни.
Иако сè уште не е познато дали овие интеракции навистина го заменуваат времето поминато со други луѓе, постои загриженост дека децата може да развијат нереални очекувања за односите. За разлика од реалните пријателства, кои бараат компромис, справување со несогласувања и решавање конфликти, многу системи со вештачка интелигенција се дизајнирани постојано да се согласуваат и да охрабруваат.
Кога родителите треба да реагираат?
Како предупредувачки знаци дека употребата на вештачката интелигенција можеби станува проблематична, Сју ги издвојува:
- Прекумерна употреба – детето поминува долги периоди во разговор со вештачка интелигенција или се вознемирува кога треба да престане.
- Промени во однесувањето – станува позатворено, поанксиозно или почнува да се потпира на вештачката интелигенција за емоционална поддршка наместо на луѓе од доверба.
- Занемарување на секојдневните обврски – употребата на технологијата го намалува времето за спиење, училишните задачи, дружењето со пријателите или хобијата.
Доколку ги забележат овие промени, родителите треба да започнат смирен разговор, без осудување и критики. Отворените прашања за тоа што му се допаѓа на детето во алатката и дали нешто го загрижува можат да помогнат во воспоставувањето разумни граници за нејзината употреба.
Родителите и училиштата треба да соработуваат
Сју советува разговорите за вештачката интелигенција да не започнуваат само со забрани за нејзино користење во училишните задачи. Наместо тоа, родителите треба да ги прашаат децата како ја користат, што им помага да научат и со какви тешкотии се соочуваат.
Посочува дека некогаш прекумерното користење на вештачката интелигенција за домашните задачи може да укажува на недоволен интерес или тешкотии со одреден предмет, додека барањето дружење преку чет-ботови може да открива потреби во социјалниот живот на детето.
Затоа, покрај разговорите дома, важно е родителите да се информираат и за пристапот на училиштата кон употребата на вештачката интелигенција, за правилата за заштита на интегритетот на учењето и за поддршката што им се обезбедува на учениците.
„Обрнете внимание на вештачката интелигенција, но држете ја во перспектива“, е пораката на Сју до родителите. Таа нагласува дека технологијата е само еден дел од развојот на детето, додека односите со другите, навиките, интересите и системите за поддршка остануваат многу поважни за неговата благосостојба и напредок.

