Жителите на канадската провинција Алберта со големо мнозинство гласаа против одржување референдум за нејзино отцепување од Канада.
Според првите прелиминарни резултати од вчерашното плебисцитарно изјаснување, како што јави канадскиот јавен радиодифузен сервис Си-Би-Си, дури 76,4 отсто од жителите на Алберта не сакаат организирање референдум за независност на провинцијата, a само 23,6 проценти се изјавиле дека сакаат такво гласање.
Вчерашниот референдум не претставуваше гласање за независност на Алберта, туку прашањето за кое се изјеснуваат жителите гласеше: „Дали Алберта треба да остане провинција во рамките на Канада, или пак Владата на Алберта треба да го започне правниот процес, предвиден со канадскиот Устав, за спроведување на обврзувачки референдум во провинцијата за тоа дали Алберта треба да се одвои од Канада?“
Алберта е најбогатата провинција во Канада благодарение на големите резерви на нафта и развиената нафтената индустрија поврзана со нив. Алберта придонесува најмногу во федералниот буџет на Канада, но не се сите убедени дека канадската Влада добро управува со тие средства. Поради тоа, сепаратистите во Алберта веќе подолго време се залагаат за отцепување на провинцијата од Канада и за прогласување независна држава.

Вчерашниот референдум немаше обврзувачки карактер, но неговите резултатите би требало за подолг период да ја одложат дебатата за одржување конечен референдум за независност.
Јасен избор за единство на Канада
„Ви благодарам, Алберта“, напиша на премиерката на Алберта, Даниел Смит, по објавувањето на првичните резултати.
Според неа, ваквите резултати покажуваат широка поддршка на граѓаните за „посилна Алберта во единствена Канада“.
Канадскиот премиер Марк Карни, пак, оцени дека жителите на Алберта направиле „јасен избор“.
„Тие избраа единство, заедничка изградба и грижа едни за други. Пред сè, жителите на Алберта ја избраа Канада“, наведе Карни во објава на социјалните мрежи.
Според него, сега жителите на Алберта и сите Канаѓани ќе продолжат напред заедно, со обновена одлучност и високи амбиции.
„Ја градиме таа иднина, поголема и побрза од кога било досега“, заклучи Карни во објавата.
Останати референдуми
Граѓаните на Алберата вчера можеа да го изразат своето мислење и за девет други теми. Тие главно се однесуваат на миграцијата, соработката со федералната влада, овластувањата на провинцијата за носење одлуки и именувањето судии.
Што се однесува до темата миграција, првите резултати веќе покажуваат дека мнозинството гласачи сакаат построга миграциска политика.

