По 12 години на власт, албанскиот премиер Еди Рама се соочува со најголемиот предизвик досега, откако антивладините протести во Албанија ескалираа поради сомнежите за корупција, спорните јавни договори и незадоволството од состојбите во образованието и на пазарот на трудот. Иако неговата Социјалистичка партија победи на парламентарните избори во 2025 година и тој го освои четвртиот мандат, критиките кон власта се засилуваат поради истрагите против високи функционери и обвинувањата за злоупотреба на државните ресурси. Политичкиот подем на Рама, кој започна со трансформацијата на Тирана и ветувањето за европска иднина на Албанија, денес е засенет од прашањата за корупцијата, одговорноста на институциите и довербата на граѓаните во власта, анализира Ал Џазира Балкан.
Следува анализата на Ал Џазира Балкан:
Политичката приказна на Рама ги обединува трансформацијата на Тирана, економскиот раст, ветувањето за членство во ЕУ и сè поголемите контроверзии поврзани со корупцијата, јавните тендери и односот на власта кон институциите.
Албанскиот премиер Еди Рама изгради долготрајна политичка доминација врз спојот на личниот политички бренд, модернизацијата на земјата и ветувањето за европска иднина, но неговиот четврти мандат е обележан со прашања за границите на моќта, одговорноста на власта и довербата на граѓаните.
Неговата политичка приказна, како што пишуваше Ројтерс, ги обединува трансформацијата на Тирана, туристичкиот и економскиот раст, ветувањето за членство во Европската Унија и сè поголемите контроверзии поврзани со корупцијата, јавните тендери и односот на власта кон институциите.
По 12 години на власт, Рама се соочува со најголемиот притисок досега, односно со насилни демонстрации на кои се бара негова оставка.
Еве што се знае за Еди Рама, неговиот политички подем и корените на незадоволството од неговото владеење.
Кој е Еди Рама?
Со целосно име Едвин Рама, актуелниот албански премиер е роден на 4 јули во Тирана.
Пред да влезе во политиката, тој бил сликар и професор по сликарство. Склоноста кон уметноста ја наследил од својот татко Кристаќ, познат скулптор.
Бил и кошаркарски репрезентативец на Албанија.
Неговиот уметнички идентитет и денес е дел од политичкиот бренд. Тој настапува поинаку од традиционалните балкански политичари, користи неформален стил на комуникација и повремено се враќа на уметничката работа, се наведува во профилот на Рама објавен на веб-страницата на албанската влада.
Кога и како влезе во политиката?
Рама не се појави во политичката сцена како класичен партиски кадар. Неговото политичко ангажирање започна во раните 1990-ти години. Кон крајот на комунистичкото владеење учествувал во демократските движења како еден од најгласните претставници на студентите на Уметничката академија.
Во 1998 година стана министер за култура, млади и спорт во владата на премиерот Фатос Нано, не како партиски кадар, туку како јавно ангажиран уметник. Токму Нано, тогашен лидер на Социјалистичката партија, му ја понудил функцијата, а Рама ја прифатил.
Следната функција што ја извршуваше беше градоначалник на Тирана, на која стапи во 2000 година. Тој се кандидираше иако не беше член на социјалистите, но партијата го поддржа како свој кандидат.
Член на Социјалистичката партија стана подоцна, во октомври 2003 година, по што почна отворено да го оспорува раководството на Фатос Нано, кој со години доминираше во партијата.
Тој стана познат по промената на изгледот на градот, претворајќи ги сивите комунистички зони во живи урбани населби, обновувајќи ги јавните простори и започнувајќи низа урбанистички проекти.
По четири години на функцијата, доби меѓународно признание „Светски градоначалник“ (World Mayor). Неговите поддржувачи тој период го претставуваат како почеток на модернизацијата на Тирана, додека критичарите предупредуваа дека урбаната обнова не била секогаш проследена со соодветна контрола на градбите и заштита на јавниот интерес.
Како течеше подемот до најмоќниот човек во Албанија?
Амбициите на Рама одеа многу подалеку од Тирана. По поразот на социјалистите на парламентарните избори во 2005 година и оставката на Фатос Нано, Рама го презеде раководството на партијата. Во наредните години ја изгради позицијата на главен противник на десничарската Демократска партија на Сали Бериша.
По изборите во 2013 година, на кои победија социјалистите, Рама седна во премиерската фотелја, во која се наоѓа и денес. Во мај 2025 година го освои четвртиот мандат.
Како главна политичка цел го постави влезот на земјата во Европската Унија до 2030 година. Преговорите започнаа во 2022 година, а Албанија во текот на 2025 година отвораше нови преговарачки поглавја, односно кластери.
Европската комисија, сепак, инсистира на зајакнување на владеењето на правото, борбата против корупцијата и независноста на институциите, додека владата на Рама се соочува токму со истраги против високи функционери и протести поради корупцијата и развојните проекти.
Рама тврди дека европската интеграција е остварлива цел на неговата влада, но неговите критичари сметаат дека корупциските афери и притисоците врз институциите го поткопуваат токму она што ЕУ го бара од Албанија.
Кои афери предизвикаа бран критики кон Рама?
Долгогодишното лидерство на Рама е доведено во прашање по низа афери што го отворија патот кон денешните сè понасилни протести, кои траат повеќе од сто дена.
Неколку афери предизвикаа лавина од критики.
Чарлс Мекгонигал, поранешен шеф на њујоршката канцеларија на ФБИ за контраразузнавање, во 2024 година беше осуден на 28 месеци затвор поради прикривање на фактот дека примил 225.000 долари од лице поврзано со албанските државни и разузнавачки структури. Американското Министерство за правда соопшти дека ги примил парите додека надгледувал истраги чувствителни за националната безбедност.
Мекгонигал имал контакти со Рама, што предизвика политичка бура во Албанија. Опозицијата тврдеше дека парите се поврзани со Рама, додека премиерот го негираше тоа.
И договорите за изградба и управување со постројките за согорување отпад во Елбасан, Фиер и Тирана станаа симбол на сомнежите за злоупотреба на јавните пари, објави Асошиејтед прес.
Во декември 2025 година, Специјалното обвинителство за борба против корупцијата и организираниот криминал ја обвини тогашната заменичка на Рама и министерка за инфраструктура, Белинда Балук, дека наводно се мешала во доделувањето два инфраструктурни договори вредни повеќе од 200 милиони евра.
Рама со месеци ја поддржуваше, го критикуваше правосудството, а потоа, на 26 февруари 2026 година, ја разреши од функцијата. Ова е особено значајно бидејќи станува збор за висока функционерка, јавни договори и отворен спор меѓу извршната власт и антикорупцискиот систем.
Една од најголемите актуелни контроверзии се однесува на плановите за изградба на луксузни туристички комплекси на островот Сазан и во подрачјето на лагуната Нарта, дел од албанското крајбрежје што е значајно за преселните птици и други заштитени видови. Проектот е поврзан со инвеститори меѓу кои е и Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Владата го претставува како голема инвестиција, додека критичарите предупредуваат на можна еколошка штета, нетранспарентност и нерешени имотноправни спорови.
Асошиејтед прес објави дека започнале работите за расчистување на земјиштето, иако формалната процена на влијанието врз животната средина сè уште не била започната, според самиот Рама. Албанското антикорупциско обвинителство отвори истрага поврзана со проектот.
На крајот, Социјалистичката партија на Рама победи на изборите во 2025 година, но во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР се заклучува дека кандидатите немале еднакви можности. Набљудувачите посочиле широко распространета употреба на државните ресурси во корист на владејачката партија, притисоци врз вработените во јавниот сектор и гласачите, како и случаи на заплашување и купување гласови.
Како незадоволството прерасна во насилство?
Незадоволството поради сите случувања во текот на оваа година на крајот ја прели чашата.
Актуелните протести во Албанија прераснаа во поширок бунт поради корупцијата, образованието, невработеноста и чувството дека политичкиот систем не одговара на потребите на младите.
Бранот протести произлезе од незадоволството од плановите за луксузни туристички проекти на албанското крајбрежје. Движењето го прифати розовото фламинго како симбол — птица чие живеалиште и миграциски патишта се загрозени од развојот на подрачјето на лагуната Нарта. Демонстрантите порачаа дека Албанија не е на продажба.
Во текот на летото протестите се проширија и на критиките кон власта, корупцијата и начинот на кој се носат одлуките за земјиштето и инвестициите.
Во октомври 2026 година, средношколците и студентите се приклучија кон посилен бран антивладини протести, посочувајќи ги трошоците за образование, лошите услови на универзитетите и недостигот од работни места, при што порачаа дека власта не ги слуша граѓаните.
Од 13 до 17 октомври протестите ескалираа во Тирана и други градови. Демонстрантите фрлаа камења, пиротехнички средства и запаливи направи, а оштетуваа и јавни згради и банки. Полицијата употреби солзавец и водени топови.
Ројтерс објави дека забележал и употреба на проектили што изгледале како гумени куршуми, а шефот на полицијата најавил дисциплински постапки против седум полицајци поради пречекорување на овластувањата.
Развојот на протестите, кои повеќе не претставуваат само студентски бунт, покажува спојување на неколку проблеми: загриженоста за животната средина и земјиштето, незадоволството од корупциските истраги и јавните договори, тешкотиите на младите да најдат работа и недовербата кон политичката елита.
Рама и понатаму има парламентарно мнозинство, но се соочува со протестно движење кое не е насочено само против една владина одлука, туку и против начинот на кој политичката моќ, парите и јавните ресурси функционираат во Албанија.
Рама ги отфрла повиците за оставка, порачувајќи дека владите се менуваат на демократски избори, а не со насилство. Протестите, според Ројтерс, претставуваат најголем предизвик за неговата власт откако ја презеде премиерската функција во 2013 година.

