Американската демократија се наоѓа на лизгав терен откако на власт во САД дојде Доналд Трамп, оценува коментаторот и новинар Шамс Един Зауги во својата нова книга за американскиот претседател „Уметник на владеењето“.
„Трамп е политички вандал, најмоќното големо дете во светот“, вели Зауги.
Тој посочува дека кога ќе се спомене забрана за медиуми, државен радиодифузер, марионети на сите страни и судири со судството, секој што не ги следи вестите би помислил дека станува збор за ситуација во некоја земја под диктатура. Но, сепак, според него, токму тоа сега се случува во САД.
„Како западни земји, не смееме да бидеме самозадоволни и да мислиме дека тоа не може да се случи овде. Она што сме го постигнале, можеме и брзо да го изгубиме“, предупредува Зауги.
Новинарот, кој е автор на бројни анализи за политичката злоупотреба на власта и авторитарното владеење, сега со делото „Уметник на владеењето“ тој прави портрет на личноста на Доналд Трамп.
„Класичните диктатури на Блискиот Исток, кои ги проучував во мојата претходна книга, генерално немаат корени во демократијата. Често станува збор за земји со колонијално минато, со менталитет на репресија и страв. Првите обиди за демократија таму беа осудени на пропаст уште на самиот почеток“, вели Зауги.
Но, според него, иако ситуацијата во САД е поинаква, бидејќи оваа земја е најстарата модерна демократија во светот, впечатливо е колку работите таму се менуваат алармантно брзо. А тој што го менува текот на настаните е еден човек – Доналд Трамп.
Впечатливо е колку алармантно брзо Трамп го менува текот на демократијата и успева да ја преземе власта,
Шамс Един Зауги, автор и новинар.
Зауги вели дека може да го презирате овој човек, но не можете да го игнорирате фактот дека тој претставува огромна политичка сила.

„Застрашувачки е да се види колку брзо тој успева да ја консолидира власта, особено во својот втор мандат. Тој ги нарекува медиумите „непријател на народот“, врши притисок врз универзитетите и ги држи моќните институции целосно под своја контрола“, вели Зауги.
Под ова последново, Зауги ги подразбира ФБИ и Министерството за правда. „На чело на ФБИ тој го постави Кеш Пател, кој е фрапантно некомпетентен, но и ропски лојален на Трамп. Јавниот обвинител е неговиот поранешен приватен адвокат. Трамп им наложи на обајцата да тргнат по неговите непријатели“, нагласува новинарот.
И Никсон го правеше истото
Трамп не е првиот американски претседател што ги злоупотребува државните институции за лични цели.
„И Никсон го правеше тоа. Но, со две важни разлики. Тој го правеше тоа тајно и мораше да се повлече кога тоа излезе на виделина. Трамп, пак, јавно и бесрамно признава што прави“, наведуца Зауги,
Тој потсетува дека во 2024 година Врховниот суд на САД пресуди дека Трамп ужива делумен имунитет за дејствија што спаѓаат во ексклузивните овластувања на претседателот.
Трамп редовно зборува за својата диктатура низ смеа, но зад шегата се крие застрашувачка реалност,
Шамс Един Зауги, автор и новинар.
Според Зауги, од еден претседател би очекувале да го почитува Уставот, да има интегритет и да знае дека одредени постапки се несоодветни. Но, Трамп не се воздржува и единственото нешто што го кочи е Врховниот суд, кој повремено сепак го зауздува.
Не е како Хитлер или Сталин
Трамп еднаш изјави дека би бил диктатор само првиот ден од својот втор мандат.

„Тој редовно зборува за својата диктатура низ смеа, но зад шегата се крие застрашувачка реалност. Тој прави сè што може за да стане диктатор“, вели Зауги, оценувајќи дека тој го прави тоа со само една јасна цел на ум: апсолутна моќ и апсолутно внимание.
Тој зборува за „Америка на прво место“, но всушност главно мисли на „Трамп на прво место“,
Шамс Един Зауги, автор и новинар.
Причината поради која Трамп влезе во политиката не е тоа што одеднаш доби брилијантни идеи за правецот во кој треба да се движат САД. Според Зауги, тој зборува за „Америка на прво место“, но она што навистина го мисли е „Трамп на прво место“.
„Во таа смисла, тој не се вклопува во редот на диктатори како Сталин и Хитлер, кои имале цврсто втемелени идеи. За нив, моќта бла начин да се постигне прифаќање на нивните идеи од страна на народот. Трамп го нема тоа. Тој е политички камелеон кој во изминатите децении неколкупати ја менуваше партиската припадност. Неговото наследство не е движење, туку стил. А тој стил можеби и ќе опстои“, оценува новинарот.
Златни букви
Според Зауги, најголемата мотивација на Трамп е многу едноставна: внимание.
„Тој тежнее кон сурова, чиста форма на моќ. Тој произлезе од медиумската култура на 80-тите години на минатот век, каде што оној што го имаше вниманието, имаше и моќ. Тој е мајстор за тоа и има опсесивна потреба постојано да добива признание и да биде во центарот на вниманието.
Како американски претседател, тој стои на најголемата сцена во светот, со сите рефлектори вперени во него. Тој ќе ги искористи преостанатите две и пол години на таа сцена за да се погрижи неговото име, кое некогаш го испиша со златни букви на кулите „Трамп“, да биде запишано и во историските книги“, заклучува Зауги.

