За една година поднесени се над 1.800 барања за ин витро, а од нив 237 се однесуваат на четврти, петти или шести обид, можност што претходно ја немаше на товар на Фондот за здравствено осигурување.
Оттаму информираат дека во периодот од 7 август 2025 до 20 август 2026 година имало вкупно 1.883 поднесени и разгледани барања.
·216 барања биле за четврти обид, 17 барања се за петти обид и 4 барања за шести обид.
Тоа значи дека околу 12,6 проценти од сите барања разгледани во овој период се токму за дополнителните обиди овозможени со законските измени, посочуваат од ФЗОМ.
Ваквата можност произлезе од измените на Законот за здравствено осигурување од 17 јули 2025 година.
Но реформата не се состоеше само во зголемување на бројот на обиди. Постапката беше дополнително поедноставена со воведување електронска достава на известувањето за одобрено право на БПО, рокот за поднесување приговор беше продолжен од 8 на 15 дена, а осигуреното лице здравствените услуги за БПО ги остварува врз основа на известување од Фондот, без потреба од дополнителен упат од избран лекар – гинеколог од примарната здравствена заштита, велат од ФЗОМ.
За БПО постапки извршени во осум здравствени установи со кои Фондот има склучено договори, во 2025 година се реализирани повеќе од 97,3 милиони денари.

