Министерството за внатрешни работи ја разјасни дилемата околу случите со починат маж пронајден во кругот на Битолската болница и видео снимка што кружи на социјалните мрежи на која се гледа како едно лице влече друго по битолските улици.
Откако во дел од медиумите беше објавено дека се работи за истиот човек, МВР потврди – лицето од видео снимката што кружи на социјалните мрежи и на која се гледа како е влечено од друго не е починатиот човек пронајден во дворот на Битолската болница.
Од МВР посочуваат дека за случајот со лицето што е влечено по улица утврден е идентитетот на лицата кои се на снимката и повикани се повеќе лица на службен разговор. Овој случај, според МВР, е од 31 август, а се случил околу 03:00 часот во близина на хотел на ул.„Широк Сокак” каде имало нарушување на јавниот ред и мир.
Починатиот во кругот на Битолската болница е 39-годишен струмичанец со иницијали Ј.И. кој бил пронајден мртов исто така на 31 август, но во 12:15 часот. За него е наредена обдукција.

