Опозициската СДСМ бара Обвинителството да отвори истрага за унгарскиот кредит што владата на ВМРО-ДПМНЕ го зема од владата на поранешниот премиер Виктор Орбан.
Според објавените информации, унгарското национално истражно биро има одземено илјадници страници документација поврзана со работењето на Ексимбанк. Еден од аспектите коишто се сомнителни и за коишто многу пати зборувавме и потенциравме, во јавноста го отворавме тоа прашање, а тоа е потеклото на парите. Дали се тоа парите коишто се дојдени од Кина, коишто непосредно претходно, пред да го добиеме кредитот како држава, се земени од страна на Унгарија, од Кина? Сега сите знаат дека Владата на Мицкоски е под меѓународна истрага за унгарскиот кредит, изјави Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор на СДСМ.
Според СДСМ, македонските правосудни органи мора да побараат информација од унгарските надлежни органи за целата состојба, да проверат што се случува и да ги проверат сите околности околу овие кредити.
Договорите, потеклото на парите, текот на парите. Исто така, што е многу битно, каде завршија овие пари. Кои компании добија средства од овој кредит? Ова е огромна сума на пари. До ден-денес ние не добивме одговор за тоа како е договорена зделката, кој ја договорил зделката, кои се провизиите, кои се скриените трошоци. Се разбира, и она што е многу битно, и ќе го потенцирам уште еднаш, кое е потеклото на овие пари, рече Жерновски.

