Бројот на Јапонци на возраст над 100 години за првпат во историјата надмина 100.000, соопшти Министерството за здравство на Јапонија.
Според податоците на Министерствово, меѓу вкупното население на Јапонија од 122,4 милиони жители, има 107.677 Јапонци на возраст од најмалку 100 години.
Тоа е највисоката бројка откако се води ваква статистика од 1963 година, кога имало само 156 лица постари од 100 години.
Од вкупниот број лица над 100 години што денес живеат во Јапонија, дури 87,6 отсто се жени.
Највозрасна жена во Јапонија во моментов е Фујо Кишимото, родена во Кјото на 20 декември 1911 година, а највозрасен маж Хикару Като, роден на 2 мај 1914 година во Кумамото.

„Задоволни сме што толку многу Јапонци живеат подолго и остануваат активни, благодарение на медицинската наука. Но, со оглед на стареењето на населението, важно е да обезбедиме нашиот систем за социјална сигурност да остане финансиски одржлив“, изјави јапонскиот министер за здравство Кеничиро Уено.
Намалување на населението
Додека сè повеќе Јапонци доживуваат длабока старост, стапката на наталитет во Јапонија продолжува да опаѓа. Просечниот број на деца по жена во 2025 година изнесувал 1,14. Во Токио, тој просек е под 1 и изнесувал 0,97.
Стареењето на населението и исклучително ниската стапка на наталитет долго време претставуваат причина за загриженост на јапонската Влада, бидејќи тоа доведува до недостиг на работна сила и постојан пораст на трошоците за социјална сигурност.
Инаку, просечната возраст на населението во Јапонија изнесува околу 50 години.

