Можностите за ставање крај на руската инвазија, за дополнителна американска поддршка во областа на противвоздушната одбрана, како и за безбедносни гаранции за Киев, беа главни теми на синоќешната средба претседателите на САД и Украина, Доналд Трамп и Володимир Зеленски, што се одржа на маргините на заседанието на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Како што јавија американските медиуми, Зеленски го повика Трамп да организира трилатерална средба меѓу нив и рускиот претседател Владимир Путин, истакнувајќи дека светските лидери треба да дејствуваат „што е можно побрзо“ за да се стави крај на војната.
Зеленски по средбата информира дека приоритети на Украина за претстојните месеци е обебзедуање на зимскиот пакет помош, што ги вклучува и ракетите „Патриот“, како и добивање лиценци за домашно производство на ова оружје.

„Претседателот Трамп, нашите тимови и јас разговаравме за тоа како да се стави крај на војната. Тоа е приоритет. Ние сме подготвени. Не сум сигурен дали Русија е подготвена во овој момент, но сепак, разговаравме за енергетско примирје“, наведе Зеленски во објава на социјалните мрежи.
Запирање на украинските напади врз руските рафинерии
Зеленски потврди дека Киев е подготвен да се согласи на енергетско примирје под услов Русија да не ја напаѓа украинската инфраструктура за електрична енергија и греење, како и системите за водоснабдување.
Трамп претходно ја повика Украина да престане со нападите со дронови врз руските рафинерии за нафта, тврдејќи дека тоа му „штети на светот“, бидејќи прекините во снабдувањето со гориво поради војните во Украина и Иран ги подигнаа цените на дизелот во САД на рекордно ниво.
Во објава на социјалните мрежи во понеделникот, американскиот претседател наведе дека поради војната Русија „за жал ја изгубила контролата“ врз својата индустрија за дизел гориво.

Украина, меѓутоа, инсистира на тоа дека руските енергетски објекти се легитимни воени цели. Од друга страна, руското Министерство за одбрана соопшти дека планира „масовни напади“ врз украинската енергетска инфраструктура, што ги засили стравувањата од нова зимска офанзива.
Трелатерална средба Трамп-Путин-Зеленски
„Мислам дека најважниот потег што може да го направи претседателот Трамп е да организира трилатерална средба на која лидерите би можеле да ги отворат сите чувствителни прашања и да се обидат да стават крај на војната“, рече Зеленски.
На прашањето дали ова значи дека тој е подготвен директно да се сретне со Путин и Трамп за да се стави крај на војната, Зеленски даде потврден одговор.
„Подготвен сум. Го кажав тоа. Подготвен сум во секое време кога сите страни ќе бидат подготвени. Мислам дека сите треба да дејствуваме што е можно побрзо“, одговори Зеленски.
Во врска со средбата со Зеленски, Трамп изјави дека разговарале за изнаоѓање решение за ставање крај на руската војна. Тој, претходно вчера и во обраќањето пред Генералното собраниее на ОН се осврна на дипломатските напори за завршување на конфликтот.

„Напорно работиме заедно со лидерите на Русија и Украина и ќе го решиме тоа. Тоа ќе се реши побрзо отколку што луѓето веруваат“, истакна Трамп.
Дипломатските разговори се во застој бидејќи САД го пренасочија фокусот кон војната против Иран, иако преговарачите Џаред Кушнер и Стив Виткоф претходно овој месец за првпат отпатуваа во Украина на разговори со Зеленски.
Зеленски бара и Си да се вклучи во завршувањето на војната
Украина, која во последните месеци ги засили нападите врз руските нафтени постројки и логистичката инфраструктура, го повика Трамп да разговара за начините за ставање крај на војната со кинескиот претседател Си Џинпинг.
„Многу отворено му реков на претседателот Трамп… да го вклучи и претседателот Си, кој има влијание врз Путин… Ако сакаме да ја завршиме оваа војна и тоа не само преку пораки, сите мораме да работиме деноноќно за тоа, за луѓето“, рече Зеленски.

