Уставниот суд денеска повторно ќе расправа по иницијативата на политичката партија Левица за уставноста на одредбите од Изборниот законик поради кои партијата беше исклучена од платеното политичко рекламирање на последните локални избори што се одржаа минатата година.
Од „Левица“ потсетуваат дека на јулската седница Судот не обезбедил мнозинство за одлука и предметот останал отворен.
Оттогаш поминаа повеќе од два месеци – доволно време спорниот случај повторно да се разгледа, аргументите да се прочитаат и да се утврди дали навистина постои уставно оправдување за правило со кое една парламентарна партија е ставена во нерамноправна положба. Во меѓувреме се промени и составот на Судот. По оставката на Гоце Наумовски, на негово место е избрана Мери Дика Георгиевска, предложена од Судскиот совет и поддржана од владејачкото мнозинство предводено од ДПМНЕ. Така, денес за истото прашање повторно ќе гласа изменет состав на Судот. Се надеваме дека времето поминато од јулската седница било доволно за спорната норма да се согледа од нејзината суштина, а не од политичката удобност што ја создава, велат од Левица.
Оттаму посочуваат дека членови од Изборниот законик создале ситуација во која Левица како парламентарна партија не можеше да го користи платеното политичко рекламирање на телевизии, радија, интернет-портали и билборди, а таквата можност им беше достапна на останатите политички субјекти.
Кога на еден политички субјект му се затвора медиумскиот простор што на другите им е отворен, прашањето неизбежно станува прашање на политички плурализам и еднаквост во изборниот натпревар. На јулската седница дел од судиите го отворија токму ова прашање – дали еднаквоста на политичките субјекти може да остане само декларативна ако законодавството создава различни услови за нивниот настап пред граѓаните. Наспроти тоа, беа слушнати и аргументи за правни празнини, политички договори и надлежноста на Собранието да ги поправи спорните одредби. Но, ако нормата е спротивна на Уставот, фактот дека политичкиот систем се навикнал на неа не може да биде алиби за нејзино зачувување, велат од Левица.
Одговорот на ова прашање, велат од Левица, нема да биде важен само за Левица, туку и за тоа какви правила ќе важат за секој политички субјект што утре ќе се најде во истата положба.

