„Зелен хуман град“ бара Обвинителството да отвори истрага за пожарот што вчера попладне избувна во населбата Железара, а Инспекторатот за животна средина да спроведе итен надзор.
Бараме Основното јавно обвинителство веднаш да отвори истрага за загадување на животната средина. Институциите мора да утврдат кои мерки за заштита и превенција не се испочитувани. Очигледно е дека постоечките механизми или не се применуваат или воопшто не превенирале ништо. Бараме Државниот инспекторат за животна средина да спроведе итен вонреден надзор. На граѓаните им е загрозено основното уставно право на здрава животна средина, велат од Зелен хуман град.
Бараат одговори што изгорело и во колкава количина и целосна одговорност од сопствениците.
Ние граѓаните имаме право на чист воздух и здрава животна средина согласно Член 43 од Уставот на РМ. Оваа хаварија не смее да се заташка и да остане без институционална завршница и кривична одговорност, порачува Зелен хуман град.

