Лидерот на Движењето ЗНАМ Максим Димитриевски очекува да добијат уште едно заменик-министерско место, но засега не открива во кој ресор ќе биде тоа. Ова, вели, ќе се дефинира во текот на следниот месец.
Очекуваме дополнително уште едно заменичко место во уште еден ресор што треба да се дефинира во текот на следниов месец и верувам дека како и во останатите ресори и институции каде што преземавме одговорност, ќе го дадеме својот придонес и во тој ресор. Разговараме за неколку ресори, не би сакал во моментов да шпекулирам. Секако дека мандатарот е најповикан да даде одговор на тоа прашање и верувам дека веќе до крајот на месецот ќе имате од негова страна излагање по однос на таа тема, изјави Димитриевски на отчетот што неговата политичка партија го даде денес по повод две години мандат.
Димитриевски вели дека односите во владината коалиција се одлични.
За нашата политичка партија никогаш не е приоритет што ќе добиеме како составен дел на власта, туку сакаме да преземеме одговорност. Како што претходно имаме информирано, влеговме во оваа Влада и буквално понудивме „карт бланш“ за да не гледаме реприза од минатото – како моноетничките партии на ситен камен ги дробат големите политички субјекти кои ја добиваат масовно поддршката на граѓаните. Во овој случај го спречивме тоа, да гледаме реприза, изјави Димитриевски.
За вторите и третите ешалони на власта, според лидерот на ЗНАМ, досега не се пристигнати забелешки ниту од мандатарот, ниту од ресорните министри во однос на работењето на функционерите на ЗНАМ.

