Шефовите на држави или влади од целиот свет денеска се собираат во седиштето на Обединетите нации во Њујорк за почетокот на овогодишната општа дебата на Генералното собрание, собир кој се смета за еден од најважните последните неколку години.
Собирот се одржува во време кога сè почесто се доведува во прашање значењето и улогата на Светската организација, па затоа не е случајно што главна тема на ова 81 лидерско заседание е „Враќање на довербата и управување со трансформацијата: Обединети нации кои носат резултати за сите“. Дополнително, Генералното собрание треба да избере и нов генерален секретар на ОН.
Официјално, заседанието на Генералното собрание започна уште на 8 септември, но неговиот вистински почеток е од денеска кога во Њујорк на општата дебата се собираат шефовите на држави или влади на 193-те членки на ОН, заедно со нивните дипломатски делегации.
Сепак, видливо е остуството на неколку лидери на денешниот собир, вклучително и на кинескиот претседател Си Џинпинг, кој подоцна оваа недела треба да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингто, кои и на претседателот на Русија, Владимир Путин, по кого е распишана потерница од Меѓународниот кривичен суд на ОН.
И овој собир не го одмина случување поврзано со Трамп. Имено, мораше да биде извршено дополнително одржување на подвижните скали што водат кон салата на Генералното собрание, кои минатата година се заглавија додека Трамп одеше кон говорницата.

Тој тоа го нарече „обид за саботажа“, а подоцна во својот говор остро ги критикуваше Обединетите нации. „ОН имаат големи можности, но практично не прават ништо со нив. Тие произведуваат празни зборови, а празните зборови не ги решаваат војните. Единственото нешто што ги решава војните е акцијата“, изјави лани Трамп.
Работите не одат добро за Обединетите нации
Соочени со вакви „забелешки“, во текот на изминатата година ОН се обидуваа да го докажат спротивното од она што го тврдеше Трамп. Но, работите не одат добро за ОН, имајќи ги предвид актуелните конфликти на Блискиот Исток и во Украина, како енергетската и климатската криза, а дополнително меѓу големите сили нема голема подготвеност за надминување на овие проблеми преку Светската организација.
На сето ова се надоврзуваат долготрајната ситуација во Газа, кризата со ебола во Конго и растечката загриженост во врска со вештачката интелигенција.
„Тешко е да се замисли сценарио што би било позагрижувачко од ситуацијата во која се наоѓаме моментно“, изјави генералниот секретар на ОН во заминување, Антонио Гутереш.
И сето тоа се случува додека ОН мораат да функционираат со сè помалку пари. Трамп ги принуди ОН да ги намалат трошоците, иако совесно го плати задолжителниот дел од американскиот придонес за да не го изгуби правото на глас. Во исто време, пред неколку месеци, тој формираше свои „Обединети нации“, т.н. Совет за мир. Се очекува дека Трамп нема да штеди на критики кон ОН, кога денеска ќе се обрати на собирот.

Многумина посочуваат дека тој би можел остро да го нападне Меѓународниот кривичен суд. Трамп веќе воведе санкции против оваа институција поврзана со ОН, тврдејќи дека тоа го прави за да го заштити американскиот суверенитет. Според „Волстрит џурнал“, САД сега имаат намера да извршат притисок и да го парализираат целиот Суд преку санкции.
Каква улога сакаат да играат ОН?
Речиси сите се согласуваат дека ОН се во криза, што го отвора важното прашање како треба да се однесуваат Обединетите нации во „новиот геополитички свет“? Тоа, според аналитичарите, е клучното прашање на кое светските лидери ќе се обидуваат да најдат одговор оваа недела во Њујорк.
Централно место во ова дебата зазема правото на вето на петте постојани членки на Советот за безбедност: САД, Кина, Русија, Франција и Велика Британија. Според критичарите, тоа целосно ги врзува рацете на ОН, со тоа што едната страна става вето на другата и обратно, а резултатот е неодлучност.
Покрај тоа, во меѓувреме, постојат и други земји кои економски и политички значително напредуваа и сметаат дека и тие имаат право на постојано место во Советот за безбедност, како на пример Индија. Сепак, за такво нешто, како и за укинување на правото на вето, м1ора да се согласат сите постојани членки на Советот. Затоа, многумина сметаат дека е тешко веројатно спроведување на големи реформи во ОН.
Збогум за Антонио Гутереш
Тука е и второто важно прашање што се провлекува во позадина на собирот. Кој ќе го наследи актуелниот генерален секретар на ОН, Антонио Гутереш?

Тој се повлекува од функцијата по 10 години, а ОН веќе малку доцнат именувањето на негов наследник. Оттаму, ова ќе биде и многу важна недела за консултации на највисоко ниво во врска со потенцијалните кандидати за нов генерален секретар.
„Во голем дел од својот десетгодишен мандат, Гутереш се фокусираше на финансирањето на развојот, климатските промени и подготовката на ОН за подемот на вештачката интелигенција“, изјави за Си-Ен-Ен експерт за ОН на Меѓународната кризна група, Даниел.
Токму вештачката интелигенција и опасностите поврзани со неа, ќе биде главна тема на дискусија оваа недела. И самиот Гутереш го потврди тоа. Речиси сите развивачи на вештачка интелигенција предупредуваат на ризиците и повикуваат на интервенција од страна на владите. Многумина во врска со ова својот поглед го насочуваат кон Обединетите нации.
Жена на чело?
Во ОН кружи анагдотата дека кога првиот генерален секретар Тригве Ли во 1953 година му ја опишувал функцијата на својот наследник Даг Хамаршелд изјавил дека тоа е „најневозможното работно место на земјината топка“.
Според аналитичарите, ситуацијата не драстично променета ниту денес, бидејќи генералниот секретар мора да биде градител на мостови, мора да ги држи големите сили на своја страна и мора да биде менаџер за кризи, оосбено во услови кога во светот има многу кризни жаришта.

Истовремено, тој мора да ја почитува Повелбата на Обединетите нации и да се залага за принципите за заштита на човековите права, за одржливиот развој и за мир и безбедност. А на крајот на сето тоа, новиот генерален секретар ќе мора да бидете и добар реформатор, бидејќи на ОН итно им се потребни реформи.
Во моментов во игра се осум кандидати за наследник на Гутереш, а во Советот за безбедност веќе се одржаа три круга на гласање за кандидатите.
Во моментов во водство е поранешната потпретседателка на Костарика, Ребека Гринспан. Ако таа биде избрана, ќе биде првата жена на чело на Обединетите нации.
Но,за конечниот избор потребен е консензус меѓу членките на Советот за безбедност, што во денешни услови не е ни малку лесно, имајќи ги предвид големите геополитички тензии.
Сепак, сите се согласуваа дека изборот на генерален секретар на ОН не бил лесно ниту во минатото, особено за време на Студената војна, во услови на недоверба меѓу двете суперсили САД и Советскиот Сојуз. Во тоа време, честопати беа потребни десетици кругови на гласање во Советот за безбедност пред да се најде кандидат за кој би се постигнал консензус.

