Излезноста во вториот круг од предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница до 9 часот изнесува 3,98 проценти, односно гласале 646 од вкупно 16.256 запишани избирачи, информираше денеска портпаролката на Државната изборна комисија (ДИК), Радица Тодоровска-Алексовска.
Според податоците од првиот пресек на ДИК, одзивот е зголемен за 1,52 процентни поени во споредба со првиот круг, одржан на 18 октомври, кога до 9 часот гласале 400 граѓани, односно 2,46 проценти од запишаните избирачи.
Најголема излезност до 9 часот е регистрирана на избирачкото место 2037, каде што гласале 8,7 проценти од избирачите, додека најмала на избирачкото место 2048, со одзив од 1,25 проценти.
Гласањето започнало во 7 часот и сите избирачки места биле навремено отворени. Според Тодоровска-Алексовска, изборниот процес засега се одвива во мирна атмосфера.
На предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница граѓаните избираат меѓу двајца кандидати. Право на глас имаат 16.256 избирачи, кои гласаат на 24 избирачки места.
Од ДИК информираат дека и во вториот круг е достапна бесплатната телефонска линија 0800 555 44, на која граѓаните можат да добијат информации за остварувањето на избирачкото право.
За лицата со оштетен слух достапен е видеоповик на телефонскиот број 076 488 360, преку кој можат да добијат информации на знаковен јазик.
Следната прес-конференција на ДИК е најавена за 11:30 часот во општинската зграда во Брвеница, каде што е сместена и Општинската изборна комисија.

