Изложбата „Торза“ на македонскиот вајар Андреј Митевскиo од синоќа е отворена во Офицерскиот дом во Битола, каде пред публиката беа претставени шеснаесет скулптури од неговиот нов циклус посветен на торзото.
Поставката го истражува женското торзо како издвоена уметничка форма во која телото е истовремено присутно и отсутно, отворајќи простор за размислување за безвременската суштина на човековата фигура.
Според најавата, во делата на Митевски можат да се препознаат асоцијации на праисториските Венери како симболи на животот, плодноста и создавањето, но и на античките идеали за мера, хармонија и пропорција.
Во новиот циклус авторот различно го интерпретира поимот на убавината. Дел од скулптурите се доближуваат до класичниот идеал на прочистена и хармонична форма, додека други ги истакнуваат несовршеностите, неправилностите и трагите што времето ги остава врз материјалот.
Сензуалноста на изложените дела произлегува од ритамот на линиите, односот меѓу испакнатите и вдлабнатите форми и играта на светлината врз мермерната површина. Во нив, убавината не е претставена како физичко совршенство, туку како внатрешна состојба што ја надминува материјата и времето.
Посетителите ќе можат да ја разгледаат поставката до 9 септември.

