Апелацискиот судија Ѓоко Ристов против кого се води судски процес во својот телефон имал контакти со звучни имиња од политичката и бизнис елита. Меѓу нив се Бојан Јовановски, познат како Боки 13, Ана Камчева, сопруга на бизнисменот Орце камчев, таткото и синот Јахоски, Фехми Стафа кој се поврзува со поткуп за осомничениот Љупчо Пецов Ѓаволот кој го пријави Ристов дека му дал мито, Вице Заев, братот на поранешниот премиер Зоран Заев…
Обвинителката Ивана Хаџи-Василева ги прочита имињата на овие луѓе, но Обвинителството не презентираше докази од комуникацијата на Ристов со нив. Сепак, обвинителката смета дека овие контакти може да бидат разгледувани во етички и законски домен, но го истакна и тоа што ова судење е поврзано и со коруптивни практики.
Обвинителството сака да прикаже контакти што ги имал обвинетиот како судија, кои можат да бидат разгледувани во етички и законски домен. Ние уште на почетокот кажавме дека ова судење се однесува на она што е предмет на обвинение, но е поврзано и со коруптивни практики и дејствија како предикативни елементи на перењето пари, едно од делата за кои го гони обвинетиот. Во таа смисла беа презентирани овие докази што упатуваат на контакти и комуникации, кои по наша оценка се недозволени од судија на Апелација со лица за кои, и самите забележавте, се воделе и се водат и активни предмети и постапки, изјави обвинителката Хаџи-Василева.
Обвинителката прочита пораки што Ристов ги имал со непознати контакти поврзани со судски случаи што ги работеле негови колеги.
Според адвокатот на Ристов, Звонко Давидовиќ, ако имало нешто сомнително, требало да се обезбедат докази за тие контакти.
Ристов не суди сам во Апелација, туку во Совет од тројца судии. Лицата што биле споменувани на минатото рочиште ниту биле ослободени од притвор ниту им била прифатена гаранцијата, а предметите ги судел судијата Илија Трпков, изјави Давидовиќ.

