Во видео насловено „Лов на дивокози од светска класа во планините на Македонија“ објавено на Јутуб може да се види како странски државјани ловат дивoкози на македонските планини и пијат крв од убиените животни.
Видеото е објавено пред осум месеци на јутјуб-каналот „Ловечките авантури на Педро Ампуеро“. На него се гледа како неколку ловци ловат дивокози, а потоа собираат крв од убиена дивокоза, ја ставаат во термос и потоа ја пијат.
На видеото може да се види дека странските ловци се придружувани од возило со ознака на Националниот парк Маврово.
Граѓанската организација „Еко-свест“ денеска на прес-конференција побара од надлежните институции пред се од Министерството за животна средина итно да ја финишира постапката за репрогласување на Маврово во национален парк и мораториум за секакви активности.
И покрај законските обврски, процесот за негово повторно прогласување сè уште не е завршен. Тоа значи дека „Маврово“ и понатаму нема клучни механизми за современо и ефикасно управување – нов закон, план за управување и просторен план. Во меѓувреме, продолжуваат активности што можат да влијаат врз природните вредности на паркот, вклучително и комерцијална сеча, комерцијален лов и поддршка на проекти за мали хидроелектрани. Дополнителна загриженост предизвикува и несогласувањето со научните наоди и предложеното зонирање од Студијата за валоризација, која е изработена со јавни и донаторски средства, нагласуваат од „Еко-свест“.

