Директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците Далибор Китановиќ во подолг статус на Фејсбук информира дека веднаш ја избришал објавата посветена на Ратко Младиќ, но оценува дека она што се случувало во изминатите денови е организирана политичка и медиумска пресметка за јавно жигосување и обид за политички линч.
Од една избришана објава се конструира обвинителен акт против мене, против мојата партија, па дури и против народот на кој му припаѓам. Тоа нема да го премолчам. Особено е лицемерно лекции за морал, мир и соживот денес да делат луѓе и политички структури чие сопствено политичко минато е оптоварено со тешки настани од поновата македонска историја, како и оние што со политички одлуки овозможувале тие прашања да останат без целосна институционална разрешница. Уште помалку прифаќам медиумски центри блиски до таквите структури да организираат јавни судења и однапред да изрекуваат пресуди, вели Китановиќ.
Вели дека е подготвен да ја понесе одговорноста за секој негов збор, но не и одговорноста за туѓите манипулации со неговите зборови.
Нема да прифатам моето повлекување на објавата да биде претворено во признание за нешто што не сум го направил. Нема да дозволам мојата човечка пристојност да биде протолкувана како слабост. И нема да дозволам преку мене да се навредуваат ниту мојот народ, ниту мојата партија, порачува Китановиќ.
Упатува јавно извинување до премиерот и Владата поради тоа што биле вовлечени во политичка пресметка и изложени на напади за нешто за кое не сносат никаква одговорност, а испраќа порака до, како што вели, политичките мршојадци и дежурните морални судии.
Не тргувајте со жртвите. Не градете политички кариери врз гробови. Не користете ја трагедијата на еден народ за да го навредувате другиот. И не очекувајте дека под притисок на организирана хајка ќе молчам додека преку моето име се плука по мојот народ и моите политички убедувања. Се извинувам кога некого сум повредил – и тоа го правам без задршка. Но нема да клекнам пред политички линч. Нема да се откажам од сопственото достоинство. Нема да се откажам од своето семејно сеќавање. И нема да дозволам оние што најгласно судат денес да ја препишуваат историјата и да определуваат кој има право на својата болка, а кој нема, вели Китановиќ во објавата.
По објавата на Китановиќ, следеше реакција од политички партии и граѓански организации и се бараше не само политичка, туку и кривична одговорност.

