Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска предложи следната финасиска рамка за периодот од 2028 до 2034 година да изнесува 1.780 милијарди евра, што е за 204 милијарди евра или 10 отсто помалку од она што претходно го предлагаше Европската комисија.
„Ова е буџет што е усогласен со нашите амбиции, при што националните придонеси остануваат во разумни граници, а истовремено вклучува избалансиран пакет на нови сопствени ресурси“, изјави Кошта при претставувањето на компромисниот предлог, за кој шефовите на држави или влади на 27-те членки на ЕУ ќе разговараат следната недела на вонреден самит во Брисел.
Кон средината на 2025 година, Европската комисија излезе со предлог за повеќегодишен буџет од 1.985 милијарди евра, што претставува 1,16 отсто од БДП на ЕУ, но тој наиде на отпор од страна на земји членки кои се нето-придонесувачи во европскиот буџет, како Германија и Холандија.
Нови сопствени европски приходи
Откако минатиот месец ирското претседателство предложи намалување на буџетот на 1.826 милијарди евра, Кошта сега го намалува тој износ за дополнителни речиси 50 милијарди.
Кошта е уверен дека со својот предлог ќе успее да го држи под контрола зголемувањето на придонесите од земјите членки.
Според него, овие придонеси во просек би пораснале од 0,80 на 0,82 отсто од БДП на земјите членки.
Кошта, исто така, предвидува воведување нови сопствени европски приходи со цел да се ограничи растот на придонесите од земјите членки. Овие приходи, кои вклучуваат и нов придонес од големите дигитални компании, би требало вкупно да генерираат приближно 60 милијарди евра годишно.

