Русија внимателно го следи оружјето или лиценците за производство на оружје што ги набавува режимот во Киев, изјави синоќа портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Тој ги коментираше тврдењата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека американскиот претседател Доналд Трамп наводно му ветил на Киев лиценца за производство на ракети за системите „Патриот“.
Според портпаролот на Кремљ, Москва внимателно следи кои земји доделуваат лиценци – и какви лиценци – како и видовите оружје што се испорачуваат, и сето тоа го зема предвид.
Песков додаде дека нападите на режимот во Киев врз руски бродови и танкери, како и врз пловни објекти што веат странски знамиња, предизвикале реакција од Москва, пренесе „Спутник“.
„Знаете дека украинската страна почна да изведува напади врз нашите трговски бродови, танкери и пловни објекти што веат странски знамиња – вклучително и оние поврзани со САД – а исто така почна да користи беспилотни летала за уништување турски бродови“, рече Песков, додавајќи дека тоа природно предизвикало одмазднички акции од страна на Русија.
Тој истакна дека официјална Анкара изнела предлози насочени кон обезбедување сигурност во Црното Море, но дека не се воделе конкретни преговори за тоа прашање.
Песков заклучи дека, кога станува збор за безбедноста, „решението мора да биде сеопфатно“.
Кремљ: Внимателно следиме кои земји му испорачуваат оружје на Киев

