Во недела, 27 септември, во 14 часот на плоштадот „Скендербег“ во Скопје ќе се одржи протестен марш по повод првостепената пресуда на Специјализираните совети во Хаг против поранешните водачи на ОВК., на Косово.
Маршот е најавен од Организацискиот совет, од каде што Феџри Асипи ги повика граѓаните и албанските политички партии да се приклучат
На протестот, според најавата, се поканети семејства на загинати, ветерани и воени инвалиди, поранешни затвореници и политички прогонувани лица, како и претставници на верскиот, академскиот и граѓанскиот сектор.
Вчера во повеќето општини во Косово се одржуваа протести на ветераните на ОВК и на граѓаните.
Учесниците носеа транспаренти со натписи „Не во мое име“ и „Слободата има име“, како и знамиња на Косово и на ОВК.
Повикот на ветераните денес беше поддржан и од Демократската партија на Косово, која ги повика граѓаните да се приклучат на протестите во општините и во Приштина.
Во меѓувреме, Собранието на општина Приштина – по примерот на неколку други општини – усвои декларација насловена „Не во мое име“ и „Правда за ОВК и заштита на нашата историја“.
На 16 септември, Специјализираните совети на Косово во Хаг, во првостепена постапка, ги осудија Хашим Тачи и Јакуп Красниќи на по 25 години затвор, Кадри Весели на 18 години, а Реџеп Селими на 13 години затвор. Тие беа осудени за воени злосторства, вклучувајќи незаконско или произволно лишување од слобода, сурово постапување, тортура и незаконски убиства .

