Левица предупредува дека Советот за граѓански надзор станува партиски со изборот на Гордана Стефкоска-Вељановска, сопруга на Роберт Вељановски за член на ова тело.
По гласањето во Собранието, за членка на телото задолжено за граѓански надзор над следењето на комуникациите беше избрана Гордана Стефковска-Вељановска – сопруга на Роберт Вељановски, директор на Драмски театар, поранешен носител на советничката листа на ДПМНЕ во Карпош и поранешен член на Извршниот комитет на ДПМНЕ. Предупредувавме дека власта се обидува да ги постави своите луѓе на позициите од кои треба да се контролира работата на безбедносните служби. Сега тоа и официјално го потврди со скандалозно собраниско гласање. Петмина други кандидати со образование од правните и безбедносните науки не ја добија поддршката на надлежната собраниска комисија, додека предност добија кандидати без соодветен стручен профил за оваа исклучително чувствителна функција, велат од Левица.
Советот за граѓански надзор, посочува Левица, треба да биде независна институционална брана против незаконското следење на комуникациите и злоупотребата на безбедносните служби.
Кога ДПМНЕ поставува партиски и семејно поврзани кадри во ова тело, независноста на надзорот ИСЧЕЗНУВА. Кој ќе ја контролира власта кога ќе одлучи чии комуникации ќе се следат? Кој ќе ги заштити граѓаните од политички мотивирано прислушување ако надзорниот механизам е исполнет со кадри блиски до истата таа власт?, прашува Левица.

