Левица предлага државата да презема 20 отсто од преостанатиот станбен кредит на едно семејство за секое новородено или посвоено дете, со што станбената политика директно би се поврзала со справувањето со демографската криза.
За разлика од министерката Весна Јаневска, ние предлагаме 20% за братче, 20% за сестриче, изјави Амар Мециновиќ на прес-конференција, оценувајќи дека Владата не го препознава демографското прашање како стратешки интерес кој мора да се решава долгорочно.
Како аргумент за предлогот, Мециновиќ посочи дека македонските домаќинства должат речиси две милијарди евра по основ на станбени кредити, што, според изнесените податоци, претставува речиси 40% од вкупните задолжувања на домаќинствата. Во една година станбениот долг пораснал за 273 милиони евра, а растот на станбеното кредитирање изнесува 16,6 проценти.
Од Левица сметаат дека демографската политика не може да се сведе на повици кон младите да формираат поголеми семејства, ниту на идеи како даночење на ергени, туку мора да биде проследена со создавање материјални услови за живот.
Според Мециновиќ, основањето семејство не смее да значи ризик од сиромаштија и доживотна несигурност поради кредитни задолжувања.
Демографската криза не се решава со апели, туку со создавање материјални услови преку долготрајни политики и силни инвестиции од државата, истакна тој.

