Француската крајнодесничарска лидерка Марин Ле Пен ја одржува својата предност во анкетите пред претседателските избори следната година, додека кандидатот на крајната левица Жан-Лик Меланшон бележи мал напредок. Повеќето центристички кандидати ја губат поддршката, според анкетата на Ифоп објавена во среда.
Според анкетата, спроведена помеѓу 13 и 16 ноември, Ле Пен би освоила најмногу гласови во првиот круг – помеѓу 32% и 36%, во зависност од разгледуваните сценарија. Жан-Лук Меланшон, кандидатот на крајно левичарската партија „Независна Франција“, би стигнал до вториот круг со помеѓу 17% и 19,5% од гласовите.
Поранешниот премиер Едуар Филип води меѓу кандидатите на центарот, иако малку познатиот градоначалник на Кан, Давид Лиснар, доби на популарност во изминатиот месец и во четири од сценаријата се појавува како четврти најпопуларен кандидат.
Според прогнозите, Ле Пен ќе го добие вториот круг со голема разлика во сите разгледани сценарија.
Првиот круг од претседателските избори во Франција ќе се одржи на 18 април. Доколку ниту еден кандидат не добие повеќе од 50% од гласовите, двајцата главни претенденти ќе се соочат во втор круг на 2 мај.
Актуелниот претседател Емануел Макрон нема право да се кандидира за трет мандат.
Како што вториот и последен петгодишен мандат на претседателот Макрон се ближи кон крајот, непопуларниот француски лидер остава зад себе политички центар кој е целосно обезличен, како и слаба економија – ситуација што отвора можности за партиите од крајната десница и крајната левица.
Меланшон веќе се кандидираше за претседател три пати – во 2012, 2017 и 2022 година – но никогаш не стигна до вториот круг . Ле Пен се кандидираше на истите три избори, губејќи во вториот круг од Макрон во 2017 и 2022 година.

